„Со Европски фондови се заштитуваат црквите, се градат манастирски конаци, а ЕУ помогна да се развијат и повеќе винарии низ земјава кои се врвен туристички потенцијал. Има безброј вакви примери“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на трибината „Ние сме Европа“ во Охрид.
Тој додаде дека при посетата на регионот бил и во Извидничкиот одред во Струга, кој доби проект од ЕУ за зголемување на капацитетите, што резултира со зголеменост на посетеноста за 300 отсто.
Вицепремиерот Маричиќ додаде дека со секој чекор чекор во пристапниот процес за членство во ЕУ ќе се отвораат нови и нови можности и фондови за поддршка од Брисел и за развој на туристичките капацитети и нови туристички понуди.
„Наша должност е да не го загрозуваме нашиот охридски регион, регионот кој светот го препозна и ја верификува неговата уникатност. Наша должност е на исто рамниште на туристички атракции да ги промовираме и другите региони, нашите планински убавици. Наша карактеристика која ќе нѐ направи уникатни се зелените инвестиции во туризмот со поддршка на фондовите на ЕУ што ни стојат на располагање и со новите што претстојат“ рече Маричиќ.