24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Грчкиот гувернер: Израелско-палестинскиот конфликт може да ја поттикне инфлацијата во ЕУ

Војната меѓу Израел и палестински Хамас може дополнително да ја забави економската активност во еврозоната и да ја поттикне инфлацијата, предупреди грчкиот гувернер Јанис Стурнарас во интервју за „Фајненшл тајмс“. Конфликтот, според него, може да предизвика нарушувања на енергетските пазари и да предизвика нов бегалски бран.

„Еврозоната останува голем нето-увозник на енергија и конфликтот, веројатно, ќе има стагфлациски ефект доколку стане проблем“, рече Стурнарас.

Стагфлацијата подразбира економска стагнација и силен раст на цените. Кризата на Блискиот Исток го промени балансот на силите и поборниците за дополнително заострување на монетарната политика сега се во малцинство, ги цитира лондонскиот весник зборовите на Стурнарас.

На седницата во септември ЕЦБ повторно ги зголеми каматните стапки за четвртина процентен поен, но со оглед на забавувањето на економската активност, сигнализира дека циклусот на зголемување на трошоците за задолжување можеби го достигна својот врв.

„Врз основа на досегашната оценка, Управниот совет смета дека клучните каматни стапки на ЕЦБ достигнаа ниво што во подолг период значително ќе придонесе за навремено враќање на инфлацијата на целното ниво“, пишуваат тие во соопштението од седницата.

Според анализите, конфликтот меѓу Израел и Хамас силно ја зголеми цената на нафтата во изминатите денови, а барел утрово во Лондон се тргуваше по цена за 2,5 долара повисока од синоќешното затворање бидејќи трговците стравуваат од ескалација и прелевање на непријателствата на регионот на целиот Блиски Исток.