24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Со дигитализација овозможуваме полесен, побрз и транспарентен пристап до јавните услуги

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, оствари средба со претставници на Атлантскиот совет, непартиски тинк-тенк за надворешна политика со седиште во Вашингтон, која преку нејзиниот Европски центар е посветена на одржување на Западен Балкан цврсто усогласен на евро-атланскиот пат.

На средбата на вицепремиерот Битиќи со Лиса Хомел, помошник-директор на Атлантскиот совет за Европа, и Рејчел Ризо, дел од проектот „Дигитален Западен Балкан“, се дискутира за потенцијалот на дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан, како и моментниот статус на дигитализацијата во Република Северна Македонија со идентификување на клучните предизвици и можности за дигитализација и во приватниот и во јавниот сектор.

Вицепремиерот Битиќи од своја страна ги потврди личната заложба и таа на Владата на Република Северна Македонија (РСМ) за целосна дигитализација на услугите во државните и јавните институции, кои за нашите граѓани ќе значи полесен и побрз пристап до процесите што се од огромна важност за нив.

„Целосното автоматизирање на услугите значи и поголема достапност за сите наши граѓани, но најмногу за оние што се вброени во маргинализираните групи во општеството, што претставува еден од чекорите што ги преземаме за искоренување на сиромаштијата“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи ги запозна соговорниците со првиот дигитален асистент во јавниот сектор, АДА, кој го олесни пристапот на државна поддршка за сите компании во Северна Македонија, како и за сите оние странски компании што сакаат да инвестираат во нашата држава.

Ова, рече Битиќи, е јасен показател за посветеноста на Владата кон целосна транспарентност на процесите што се поврзани со инвестициските текови во РСМ како на домашните така и на странските компании.

Во рамките на проектот „Дигитален Западен Балкан“, соговорничките од Атлантскиот совет – Europe Center, ќе продуцираат извештај за дигитализацијата на Западен Балкан, кој потоа ќе биде основата за идни предлози за регионална соработка на бизнис-секторот со платформи поддржани од државните институции во регионот, како и претставување на добрите политики, кои веќе покажуваат ефективни резултати.