29. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Спасовски: Младите да ја препознаат и вреднуваат улогата на безбедносните институции во превенцијата и справувањето со радикализацијата и насилниот екстремизам

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска со свое обраќање учествуваше на настан посветен на Обуката за ангажирање и зајакнување на младите во борбата против радикакализација и насилен екстремизам, во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Факултетот за безбедност при универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола. Спасовски истакна дека насилниот екстремизам и радикализмот, особено сега во оваа ера на исклучително жестоки динамични општествени и генерално – цивилизациски – противречности, бездруго заслужува сериозно внимание од сите општествени фактори и тоа не само во сферата на безбедноста туку и пошироко во многу други општествени сегменти. „Денешниов настан во целост ги оправдува своите мотиви и цели, насочувајќи се кон поттикнување на младите да размислуваат и да дејствуваат во насока на соработка и заедништво, да ги промовираат и негуваат демократските вредности на македонското општество, но и да ја препознаат и вреднуваат улогата на безбедносните институции во превенцијата и справувањето со радикализацијата и насилниот екстремизам.“, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот образложи дека ние како држава, изминативе децении одблиску се сооочивме со карактеристиките на насилниот есктремизам и радикализам, и детектирајќи ги потребите, насоките и потенцијалите како добра основа за градење на институционален одговор и отпорност кон овие општествено негативни појави, влеговме во процесите на будно следење и градење концепти за спротивставување кон сите такви закани. „Од аспект на Министерството за внатрешни работи кое што и покрај примарната посветеност на превентивното делување вложи и вложува во организациско, техничко и кадровско унапредување особено во смисол на уште поквалитетни професионално-стручни капацитети и перформанси, како нешто што е од клучна важност за успешно и ефикасно справување со сите предизвици и задачи што се поставуваат пред министерството, меѓу другото, и во контекст на проблематиката што денеска ја опсервираме. “ ја долови улогата на МВР министерот Спасовски во справување со насилниот екстремизам и радикализам.

Во неговото обраќање посебно беше нотирана новата Национална стратегија за спречување со насилниот екстремизам 2023-2027, документ кој е плод на заедничкиот напор на претставници на владини институции, на здруженија на граѓани, на академската и на меѓународната заедница, улогата и значението на младите и тоа како зафаќа свое суштинско место и истакна дека МВР ќе остане посветено на превентивни активности, но и на доследното спроведување на законите во откривањето и одвраќањето на сите потенцијални поединци или групи кои преку овие форми на незаконско делување имаат за цел да и наштетат на државата, да ги заведат младите во погрешен правец и да го подриваат демократскиот капацитет на македонското општество.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал во своето обраќање истакна дека ОБСЕ продолжува да работи заедно со младите и за младите така што оваа програма ќе се фокусира значително на практични дискусии со реномирани експерти од различни професионални области и институции. „Справувањето со предизвиците на денешнината и иднината бара етаблирање на доверба и разбирање помеѓу сите во безбедносниот сектор. Верувам дека ќе најдете заедничка основа додека разговарате за предизвизвиците и темите со кои вие како иднина на земјата ќе се сретнете и ќе треба да ги надминувате заедно“, ги охрабри амбасадорот Вал присутните млади на обуката.

„Основните принципи на функционирањето на Универзитетот се академската слобода, толеранцијата и споразумното решавање на спорови. Затоа логички студентите треба да бидат носители на процесите на толеранција, борба против екстремизмот, говорот на омраза, насилството. Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола секогаш бил и ќе остане место на кое се негува толеранцијата и почитување на различности, место каде нема простор за било какво екстремистичко однесување, насилство и говор на омраза против било кој. Затоа високо ја цениме оваа активност организирана од ОБСЕ со нашиот Факултет за безбедност, која има за цел да ги обучи нашите студенти да препознаат и да се спротивстават на било кој облик екстремизам, насилство, говор на омраза и сите други облици на нетолерантно, односно не академско однесување.“, потенцираше во своето обраќање ректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски„ од Битола, проф. д-р Игор Неделковски.
„Младите се во фокусот на нашето внимание, а образованието е алатка која може на многу привлечен и интересен начин да им ги покаже придобивките на демократското живеење и да ги одврати од радикализација која ќе доведе до насилен екстремизам и тероризам. Им благодарам на нашите партнери од ОБСЕ и МВР за силната поддршка и за посветеноста да изградиме свет без насилство. Факултетот за безбедност ќе продолжи да биде водечка институција за современа и квалитетна едукација во сите сфери во областа на безбедноста“, истакна во своето обраќање деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски.