14.8 C
Скопје
21. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: На нашиот голем државен празник станува уште појасна вредноста на заедништвото, како обединување на различностите по етничка, национална или која било друга основа

„Денес, на нашиот голем државен празник, 11 Октомври, Ден на народното востание, кога сите погледи се кон придобивките од победата над фашизмот, станува уште појасна вредноста на заедништвото што го воспоставивме, како обединување на различностите по етничка, национална или која било друга основа. Наспроти овој темел на парламентарната демократија е опасноста што ја носат, за жал сè уште присутните идеи за етнонационализам, придружени со ксенофобија, што во светската современа историска наука се квалификуваат како модерна форма на фашизам. Ние тоа зло во современо пакување имаме обврска да го спречиме да се врати“, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање по повод празникот 11 Октомври – Ден на востанието; 11 Октомври на Плато Спомен Костурница во Куманово.

Тој потсети дека благодарение на нашата вековна традиција на соживот обезбедена е домашната стабилност и нагласи дека во актуелниот геополитички контекст, токму ваквите успешни примери на мултиетничка демократија како нашата држава, се покажаа неопходни на светот, во напорите да се осигураат европскиот и светскиот мир и дека во тој процес, се смета и на придонесот на нашата држава, како доверлив партнер во НАТО, на САД и на ЕУ.

„Нашата држава отсекогаш била на вистинската страна на историјата, па и за време на Втората светска војна, кога застанала меѓу прогресивните антифашистички сили. И денес сме рамо до рамо во НАТО и со државите членки на ЕУ, во одбраната на мирот“, потенцираше Ковачевски.

„Имаме обврска да останеме на европскиот пат и фокусирани на европските вредности – во името на сè што е постигнато со македонскиот непокор до денес. И со којшто, уверен сум, ќе ги обезбедиме и нашите европски перспективи, реформирајќи го нашиот вековен македонски државен капацитет, во врвен европски капацитет кој ќе покаже дека дента кога ќе влеземе во ЕУ, нашата држава ќе биде најбрзорастечка економија во Унијата“, заклучи Ковачевски.