Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денес, се сретна со Флоренс Бауер, регионална директорка на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за Источна Европа и Централна Азија.
Битиќи и Бауер разменија мислења за можностите за понатамошно унапредување на партнерството и соработката помеѓу Северна Македонија и УНФПА, особено во делот во зајакнувањето на демографската отпорност, родовите прашања, младите и нееднаквостите.
Битиќи истакна дека стратешкото партнерство, втемелено на споделување знаење и размена на стручност, доаѓа до вистински израз во поддршка и суштинскиот придонес што УНФП ги дава во изработката на националната развојна стратегија, особено во делот на нејзиното усогласување со демографската стратегија.
Заеднички беше оценето дека националната развојна стратегија има суштинско значење за развојот и перспективите на државата затоа што само преку стратешки и долгорочен пристап може да се постават цврсти основи на развојот на општеството.
На средбата беа споделени мислења и информации за демографската динамика на населението, потребата од постојан развој и унапредување на човечкиот капитал, како да се постигне одржливост во развојот, како или за најважните аспекти што треба да бидат опфатени во креирањето политики за населението.