25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МОН: Испорака на учебниците за шесто одделение ќе се врши и за време на викендот

Министерството за образование и наука информира дека учебниците за шесто одделение кои се веќе одобрени од Националната комисија за учебници и имаат добиено ЦИП запис, веќе се печатат и испорачуваат до училиштата.

Задолжените за испорака се максимално одговорни и ангажирани, во договорот со училишните раководства ќе испорачуваат учебници и во текот на овој викенд, велат од МОН.

„Учебниците по албански јазик и природни науки на македонски јазик за шесто одделение за кои по одобрувањето од Националната комисија за учебници, добиен е ЦИП запис на 27, односно 29 септември, додека договорите со авторите се потпишани на 2 октомври, се влезени во процес на печатење и испорака.

Учебниците пак по македонски јазик и природни науки на албански јазик добија ЦИП запис на 4 октомври, додека договори со авторите се склучени денес и веднаш се предадени на одбраниот економски оператор за графичко уредување, печатење, по што дистрибуцијата ќе се спроведе во текот на следната недела.

За учебникот по математика, денеска е потпишан договор со авторите“, соопштија од министерството.

Потсетуваат дека согласно планот за реформирање на основното образование, во новата учебна година, нови наставни програми се изработени за трето и шесто одделение и врз основа на истите, учениците добиваат и нови учебници. Учебниците за трето одделение се целосно испорачани минатиот месец.

Според нив, состојбата со учебниците годинава е значително подобрена.

„МОН испорача тираж од речиси 1,4 милиони учебници во основните, но исто така и во средните училишта, за кои, за прв пат по 15 години се изработија нови 150-тина наслови на учебници“.