23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
МАКЕДОНИЈА

Небезбедниот јогурт е вратен во Србија, ако Трипуновски не верува, нека го бара низ маркети, рече директорот на Агенцијата за храна

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски ги отфрли и последните тврдења на Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ дека протеински јогурт со зголемено присуство на афлатоксин од Србија е пласиран на македонскиот пазар.

Вели тоа беа две пратки пробиотски јогурт кои се веќе вратени во Србија.

„Досега Трипуновски требаше да научи дека пред да се пуштат во промет, уште на граничните премини и на местото на истовар, особено млеко и млечни производи кои се увезуваат од соседна Србија и од БиХ, поради утврдениот ризик од афлатоксин во овие производи, АХВ врши задолжително лабораториско тестирање на секоја пратка која останува под надзор се додека за неа не се добие задоволителен резултат за да се најде во промет. Оттаму, лаички е да се тврди дека производите кај кои е детектирано присуство на афлатоксин над максимално дозволените граници се пуштени во промет“, изјави Бабовски.

Директорот го обвини Трипуновски дека манипулира.

„Одговорно тврдам дека станува збор за чиста манипулација од негова страна. Се работи за две пратки пробиотски јогурт, секоја од по 7.053 килограми, односно вкупно 14.106 килограми од овој производ со зголемено ниво на афлатоксин, кои во текот на вчерашниот ден се вратени во Србија со согласност на извозникот и на надлежниот орган на Република Србија. Ни случајно овие производи, како што твди Трипуновски, не се нашле во промет, туку биле под официјален надзор се до враќањето. За „канцерогениот“ јогурт со афлатоксин, го повикуваме, бидејќи располага со лабораториските резултати кои имаат и сериски број и лот за секоја земена мостра, а и не и верува на АХВ, слободно да го побара во маркетите, вели Бабовски.

Првиот човек на АХВ објасни дека мониторинг на сурово млеко за афлатоксин секоја млекарница спроведува на секоја количина сурово млеко откупено од секој производител, а инспекторите на АХВ земаат мостри од збирното откупено млеко од секоја млекарница еднаш месечно поради верификација на оваа активност од страна на млекарите.

-Суровото млеко се испитува на Факултетот за ветеринарна медицина, со брза метода, а во случај на позитивен наод се врши конфирматорен тест. Во овој случај конфирматорниот тест утврдил негативен наод на афлатоксин, суровото млеко може да се употреби од млекарницата за преработка. Инаку, моето службено отсуство, како што вели Трипуновски на државен трошок, на 21. состанок на Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекуграничните болести на животните (GF-TADs) во Брисел и на Постојаната експертска група за африканска чума кај свињите во Европа на кој беше посветен и овој состанок, е уште една потврда дека АХВ е препознаена како високопрофесионална и стручна институција, и во европски и во светски рамки. Доволна потврда за ова е дека токму АХВ ќе биде домаќин на 22. состанок на ова реномирано тело на ОИЕ и ЕФСА, каде членуваме и ние како институција и држава, задно со членки на Европската унија, државите од Западен Балкан, Молдавија, Белорусија и Русија, рече Бабовски на прес конференција.

ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес конференција објави документи во врска со информациите дека во Македонија се увезува млеко кое содржи афлатоксин.

„Се работи за протеински јогурт увезен од Република Србија, и од него се гледа зголемено ниво на амфлатоксин, вториот документ е лабораториски извештај за млеко од една млекарница од Република Македонија, која исто така покажува присуство на амфлатоксин над дозволената граница“, вели Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ

Праша дали протеинскиот јогурт од соседна Србија и млекото од млекарница во Македонија се пуштени во промет и рече дека документите се уште еден показател дека контролата на млекото и млечните производи, како домашни, така и од увоз, АХВ не ги прави согласно потребите да ги заштити граѓаните од злоупотреби.