25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Нема кратење на финаниската помош за децата со Даунов синдром, туку промена на методологијата, родителите да поднесат жалба за промена на одлуката

Рацин.мк побара коментар на реакциите на граѓаните и на родителите со деца со Даунов синдром за наводното укинување на додатокот од 6000 денари за поддршка на овие деца.

Од Министерството за труд и социјална политика потенцираа дека нема кратење или намалување на висината на правата кои се однесуваат на децата со попреченост.

Во образложенито се истакнува дека родителите коишто се жалат дека немаат одобрено користење на посебниот додаток, односно за 8 од вкупно 113 со даунов синдром, биле известени да поднесат жалба на првите наоди, и во второстепена постапка повторно да се направи проценка на нивната попреченост и доколку постојат услови и за нив ќе биде променета одлуката на Комисијата за проценка.

Од МТСП дополнуваат дека оваа ситуација доаѓа од примената на новиот модел за проценка на потребите за лица со попреченост изработен во согласност со Меѓународната класификација на функционирање (МКФ).

МКФ ги класифицира здравјето и состојбите поврзани со здравјето таа не ги класифицира луѓето, туку ја опишува ситуацијата на секој поединец во низа домени на здравјето или домени поврзани со здравјето. Покрај тоа, описот секогаш се дава во контекст на срединските и индивидуалните фактори, велат од МТСП.

Оттаму, нагласуваат од министерството, кога професионалците ја користат МКФ, тие ги класифицираат информациите за функционирањето и попреченоста, но не ги категоризираат децата и младите со попреченост, не поставуваат дијагноза.

Затоа, објаснуваат од МТСП, Дауновиот синдром (Q90) според Меѓународната класификација на болести (МКБ-10), е само една од многуте дијагнози кои спаѓаат во категориите наведени во член 33 од Законот за заштита на децата и затоа нема потреба да се содржи индивидуално како дијагноза, туку врз основа на попреченоста која ја предизвикува кај децата, што е основа за користење на правата, како и кај другите дијагнози.

Од Министерството за труд и социјална политика нагласуваат дека инклузијата и почитувањето на правата на лицата со попреченост е еден од клучните приоритети на Министерството за труд и социјална политика.

Она што е многу важно, ни рекоа од МТСП, е дека со новите политики ја менуваме перцепцијата кон попреченоста, се напушта стариот медицински модел на гледање на попреченоста, односно тој се заменува со немедицинско гледање кое ги поттикнува јаките страни и способности на децата и лицата со попреченост, ја обезбедува потребната поддршка што треба да ја добијат за да уживаат еднакви можности како сите и да го развијат својот потенцијал.

Инаку, како што велат од оваа институција, Министерството за труд и социјална политика во континуитет ги унапредува и зголемува правата за децата со попреченост. На крајот на 2022 година направени се измени на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита со кои се зголеми висината на посебниот додаток за 15 %, се намали возрасната граница за користење на правото за траен надоместок за родителите кои чувале дете со попреченост без да го сместат во институција (од 64 на 62 години за мажи и од 62 на 60 за жени), а се обезбеди вклучување на децата и лицата со комбинирани пречки во услугата за лична асистенција. Дополнително, во месец јануари 2023 се направи усогласување на правата од социјална и детска заштита со трошоците за живот. Правата на гарантирана минимална помош, паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, правото за попреченост, правото на детски додаток, посебен додаток (кој со првото згоемување од 2022 е зголемен за 30%), цивилна инвалиднина, траен надоместок за згрижувач, паричен надоместок за скратено работно време, домување, надоместокот за социјала сигурност на старите лица, се зголемија за 14.2 % врз основа на податоците на Заводот за статистика.

Буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2023 година, за финансирање на социјални услуги обезбедени се дополнителни 5.5 милиони евра повеќе од 2022 година, односно вкупно 7.8 милиони евра.

Од МТСП уште дополнија дека донесена е измена и дополнување на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2023 година, каде е определена цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете од стручен работник во лиценцираните Дневни центри, односно 997 денари за индивидуален третман и 1.185 денари дневно по корисник, платени преку Центрите за социјална работа.

Воведено е ослободување од плаќање на здравствена партиципација како за децата до 26 години со попречености, така и за возрасните, платени со средства од МТСП.

Преку “Проектот за подобрување на социјалните услуги“, велат од Министерството за труд и социјална политика, заклучно со декември 2022, обезбедена е поддршка за 34 проекти преку кои се создадоа услови за развој на социјални услуги кои опфаќаат околу 1300 корисници на локално ниво во вкупно 41 општина.

На крајот на мај 2023, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија, започна реконструкцијата на Јавната установа „Завод за рехабилитација на деца и младинци“ во Скопје, која ќе прерасне во Центар за социјални услуги, каде покрај постоечките услуги, предвидени се и палета на здравствени, социјални и рехабилитациски услуги. За оваа намена обезбедени се вкупно 1.7 милиони евра.

Извор: Рацин.мк