Општина Центар го проширува и го регулира дивиот паркинг зад Народна банка на Република Северна Македонија. Станува збор за див паркинг со оштетен асфалт, на кој со безредие се паркираа автомобили често блокирајќи се едни со други.
Општина Центар го гребе стариот и испукан асфалт, го проширува паркингот на приближно 3.000 квадратни метри, со што ќе обезбеди паркинг-места за речиси 250 автомобили. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, беше на увид на инфраструктурните зафати при отстранувањето на оштетениот асфалт и од таму порача дека, конечно, просторот ќе биде уреден и ќе се воведе ред во паркирањето, известува Општината.
„Конечно, го уредуваме и регулираме просторот на дивиот паркинг на кој се паркираа автомобили кој кај ќе стигне. На целиот простор комплетно ќе биде изгребана цела површина и ќе биде вградена нова асфалтна маса. Дополнително, овој паркинг-простор ќе биде обележан во согласност со сообраќајниот проект на ‘Паркинзи на Општина Центар’. Ги замолуваме граѓаните за трпеливост за време на извршувањето на овие градежни активности со цел предвидените активности да завршат во предвидениот рок од 30 дена“, изјави градоначалникот Герасимовски.
По површните инфраструктурни зафати, Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ ќе ги обележи паркинг-местата со цел да има ред во паркирањето и ќе постави инфо-обележје за корисниците на паркингот. Овој отворен паркинг главно го користат вработени од институциите и околните претпријатија. Општина Центар вложува во проекти што воведуваат ред во сообраќајот и го регулираат паркирањето, се додава во соопштението на Општината.