24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„30 ќебапи – 3 години, 30 милиони – условна“, „Не викајте ги вмровци, викајте ги кворумџии“, реакции по изгласувањето на измените во Кривичниот законик

Остри реакции на социјалните мрежи откога Собранието ги изгласа измените на Кривичниот законик. „За“ измените гласаа 48 пратеници, 36 беа „против“, а еден беше „воздржан“.

Измените се однесуваат на казните на неколку кривични дела, односно за значително намалените казни за разните облици на кривичното дело од член 353 – Злоупотреба на службената положба и овластувањето, со намалување на казната од најмалку 3 години затвор на казна од 1 до 4 години затвор, како и членот 394 – Злосторничко здружување, со намалување на казната до 10 години на казна до 3 години.

„Во март 2020, кога донесоа позитивна одлука за отворање преговори, па не можеа да ја спроведат поради Бугарија, ја задолжија Комисијата да мониторира дали ги исполнуваме условите од 2018. Правна разврска за случаите на СЈО беше услов за позитивната одлука.

Со предложените измени на Кривичниот законик сето ова паѓа во вода. Ќе си застарат случаите, и тие и поновите, и ќе си добиеме ново вето, овој пат сосема оправдано.

И нема да биде бугарско. Но, тоа веројатно нема да боли. (Ќе) си имаме ние поголеми грижи со пустошот дома“, пишува поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

„30 ќебапи – 3 години, 30 милиони – условна…“, вели адвокатот Драган Пешевски.

„Владата и лично премиерот предлагаат, поради наводна потреба од усогласување на регулативата со ЕУ (европско знаменце), драстично намалување на казните за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Сето ова во услови на масовна коруптивност на носителите на функции“, пишува Јанаки Митровски.

„Тројца актуелни пратеници на ДПМНЕ се ослободуваат од кривичен прогон со вчерашните измени на КЗ. Уште пет и ‘Бугари у Устав!’“, вели Димитар Апасиев.

„Не викајте ги вмровци, викајте ги кворумџии“, додава Апасиев.

Претходно, групата „Блупринт“ реагира во однос на предлог-законот за измени на Кривичниот законик по скратена постапка.

Од таму велат дека измените во Кривичниот законик ќе влијаат и врз судските постапки иницирани од СЈО, како и дека постои опасност од настапување апсолутна застареност.

Албанските партии, Алтернативата, Движењето Беса и Демократското движење, сметаат дека измените во Кривичниот законик се прават за да се спаси Никола Груевски.