23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Кузеска: Членство во ЕУ значи подобар животен стандард и силна економија, тоа е патриотизам

Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, во рацете на македонските пратеници е одговорноста за европска иднината на државата, која значи економски напредок, поголем животен стандард, поголеми плати и подобри услови за бизнис.

Затоа и граѓаните, како што вели, го поддржуваат членството во ЕУ, над 80 % од нашите граѓани сакаат да бидеме дел од Унијата затоа што, пред сѐ, тоа значи економски развој, повеќе пари за народот и подобар живот.

„Изолацијата и неизвесноста, држењето на земјата надвор од ЕУ ќе има директна штета врз економијата и стандардот на граѓаните. ЕУ е наш најголем финансиски поддржувач. Досега ЕУ има инвестирано над 3,3 милијарди евра од првиот ден на нашата независност. Забрзувањето на европските процеси денеска за нашата економија и за нашиот народ ќе значи 11 пати поголема финансиска помош од фондовите на жител утре. Ние како држава досега имаме искористено околу една милијарда од ИПА-фондовите, а Хрватска како земја членка за 10 години има искористено дури 25 милијарди евра. Тоа е разликата“, соопшти Кузеска.

Дополнително, според неа, економиите на земјите што станале членки на ЕУ во првите 5 години имаат исклучително позитивни стапки на економски раст.

„Растот на платите на работниците, пак, во првите пет години по зачленувањето во ЕУ е огромен кај сите земји што станале членки. Ова е директна придобивка за куповната моќ за граѓаните, за семејните буџети и подобар животен стандард, што неминовно се случува. Сето ова ДПМНЕ сака да го блокира, со што работи на директна штета на стандардот на народот. Тоа ние нема да го дозволиме“, вели портпаролката на СДСМ.