23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Власта сака посетата на Ескобар да ја прикаже како дипломатски булдожер, кој е повикан да врши тортура и притисок, оценува Мицкоски

Посетата на Ескобар е како и секоја друга посета, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој рече дека на средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД ќе ги образложат аргументите, но појасни и дека власта посетата на Ескобар сака да ја прикаже како посета на дипломатски булдожер, кој е повикан од Владата да врши тортура.

„Изминатиот период имавме многу посети од високи странски претставници. Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи, содржината на состанокот се наѕира, така што секој добронамерен соговорник е добредојден, секој оној што сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на народот во Македонија, е добредојден. Тоа што сега се обидува власта посетата на Ескобар да ја претстави како посета на условно кажано дипломатски булдожер, кој е повикан на помош од Владата, да врши тортура и притисок, тоа е веќе слабост на овие криминалци од Владата. Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат, тогаш избрале погрешни соговорници“, порача Мицкоски.

На прашањето дали се вршат притисоци врз ВМРО-ДПМНЕ за гласање на уставните измени, Мицкоски рече дека тоа не е тајна.

„Не е тоа тајна. Ако мислите дека на состаноците разговараме за времето надвор од канцеларијата или читаме поезија, тогаш се лажете. Тоа се состаноци на кои сериозно ги аргументираме позициите, траат неколку часа и ВМРО-ДПМНЕ не го прави тоа затоа што е инаетлива, туку затоа што сме загрижени за постоењето на македонскиот народ, за неговата иднина и за иднината на Македонија и затоа, иако не бевме консултирани за предлозите, нудевме решенија, кои власта не ги прифаќаше “, додаде Мицкоски.

Во врска со изјавата на американската амбасадорка Агелер дека граѓаните треба да им дадат до знаење на политичарите дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека целосно се согласува со нејзината изјава и дека граѓаните се тие што се суверен во државата и тие треба на избори што би се одржале што побргу да излезат и да кажат „да“ за Европската Унија, но и да го изберат решението како до ЕУ.