27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Родовата еднаквост е еден од приоритетите на Владата

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на настанот на кој што се презентираше публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија“.

„Концептот на еднакви можности ги означува еднаквите можности на жените и мажите како и еднаквиот пристап до ресурси и подеднакво право на учество во општествениот и во политичкиот живот“, посочи Тренчевска во своето обраќање.

Министерката истакна дека еднаквите можности на мажите и жените во Република Северна Македонија се регулирани со Уставот како највисок правен акт, кој е гаранција за превенција и заштита на основните човекови права и фундаментални слободи.

„Родовата еднаквост е еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија. Родовата еднаквост е дел од Програмата за работа на Владата 2020-2023 и исто така е обврска од Агендата за одржлив развој до 2030 година како на национално така и на локално ниво“, истакна министерката.

Тренчевска на крај ги посочи и придобивките од публикацијата каде се сумирани сите статистички податоци и рече дека токму податоците кои ја составуваат содржината на публикацијата даваат насока по која треба да се движат институциите и организациите при решавање на прашањата поврзани со родовата еднаквости, известуваат од МТСП.