Доцна попладнево во 18.10 часот, на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК помош побарале двајца туристи, жители на Хонг Конг кои се изгубиле во Кањонот Матка, во реонот на средновековниот манастир „Свети Никола Шишевски“.
Од ЦУК информираа дека двајцата биле пронајдени и спасени од тим од Полициската станица Сарај, два часа од нивното јавување, односно во 20 часот и 15 минути.
„Туристите повикот за помош до 112 во ЦУК го реализирале од мобилен телефон без картичка, координатите не било можно да се одредат во овој случај, а мрежата била со слаба јачина на сигнал, но можело да се разговара телефонски. Информирале на англиски јазик дека се изгубени и без ориентација каде се наоѓаат, односно дека се опкружени со високи ридови и имаат минимално храна и вода“, велат од ЦУК.
Дежурниот оператор бил подолго време во комуникација со нив и ги координирал да пронајдат нешто што би можело да послужи за опис во нивната околина. По пронаоѓањето на знак на патека за манастирот „Свети Никола Шишевски“, дежурниот операторот од 112 во ЦУК им посочил да престанат да се движат и да останат до знакот на патеката. Потоа, веднаш координирал со МВР за нивно пронаоѓање и за извлекување на безбедно. Тим од Полициската станица Сарај брзо излегол на терен и ги пронашол, според описот на локацијата каде бил знакот за Манастирот, по што се извлечени на безбедно здрави и живи.