21.8 C
Скопје
19. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Над 900 вработени во УЈП за јули ќе добијат 30 отсто поголема плата, Лукаревска очекува и повеќе работа

Платата што ќе ја добијат нешто повеќе од 900 вработени во УЈП за јули ќе биде повисока 30 %. Синдикатот „Солидарност“, Управата за јавни приходи и помирувачот денес го претставија зголемувањето на платите како резултат на заедничките напори, кои резултираа со потпишување нов колективен договор преку помирување.

„Одредбите од договорот овозможуваат зголемување на платите на вработените во УЈП почнувајќи од јули, кои треба да се исплатат во наредните денови и ќе бидат 30 % поголеми. Концептот бруто-плата подразбира придонеси, нето, целосно. Во УЈП има три категории вработени, од кои одреден број колеги веќе го имаат остварено ова право, во согласност со член 66 од Законот за буџетите, сега ова право ќе го остварат преостанатиот дел вработени. Претходните се 150-160, преостанатите 900 и нешто вработени, тие сега ќе добијат покачување“, рече Васе Неданоски, претседател на синдикатот „Солидарност“.

Директорката на Управата, Сања Лукаревска, денес, изразувајќи благодарност со Синдикатот и до помирувачот за успешното помирување, рече дека покачувањето на платите на вработените значи мотив повеќе за нив, но истовремено носи и обврски.

„Овој чин не значи за нас само поголеми права, туку и поголеми обврски за даночните службеници, особено сега со новата реформска програма, која бара сериозна посветеност и поголеми вложувања од сите за да се реализира. На зголемувањето на платите гледам како еден мотив плус да покажеме поголема ефикасност како даночни службеници. Наште подобри резултати ќе покажат подобри резултати во општественото функционирање и драго ми е што сме пример како треба да функционира синдикатот со работодавецот во една професионална институција“, рече директорката Лукаревска.

Синдикалниот лидер нагласи дека за сериозно намалување на даночното затајување, освен мотивирање на вработените во УЈП со поголеми плати, потребен е и нов кадар оти изминативе години има значително поголем бројот вработени што се пензионираат отколку нововработени, па Управата има недостиг од кадар.

Помирувачот Илија Манасиев рече дека особено се гордее што спорот завршува со потпишување нов колективен договор, со кој се испишува историја за вработените во УЈП. Помирувањето вели дека е пример не само во земјата туку и надвор од неа.

„Од аспект на големината на спорот ова е еден од најголемите предмети во работните односи решени по пат на помирување. За овој спор се појави интерес и надвор од границите на Македонија. Многубројни институции, кои се релевантни во областа на трудот, меѓународни, како и околните агенции за помирување, сите будно го следеа спорот и претпоставувам дека ова ќе биде еден добар пример за пракса и во другите држави каде што ќе има спорови од овој вид“, рече помирувачот Манасиев.

Олеснителна околност за зголемување на платите на вработените без поголеми финансиски импликации, според директорката Лукаревска, е тоа што Управата има сопствени средства, кои ги добива по разни основи како даночен орган.