Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе го пречека и ќе му биде домаќин на претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама, кој е во официјална посета на државава.
Во рамките на посетата предвидена е тет-а-тет средба меѓу премиерите Ковачевски и Рама. Потоа ќе се одржи билатерална средба, на која, покрај премиерите, ќе присуствуваат и владините делегации од двете земји. Во состав на делегацијата предводена од премиерот Рама се Нико Пелеши, министер за одбрана, Мајлинда Дука, државен министер и главен преговарач на Република Албанија, како и заменик-генералната секретарка Елира Кокона.
Во состав на македонската делегација предводена од премиерот Ковачевски се првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за правда, Кренар Лога, како и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.