25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ММФ: Монетарната политика на Народната банка помогна за постепено намалување на инфлацијата

Инфлацијата започна да забавува, помогнато од пониските цени на енергијата и храната, но и како резултат на затегнувањето на монетарната политика. Монетарната политика на Народната банка придонесе за стабилизирање на инфлациските очекувања и постепено намалување на инфлацијата. Банкарскиот сектор е стабилен и има доволен капацитет да се справи со последиците од затегнатите финансиски услови и другите шокови. Ова се наведува во заклучоците на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која престојуваше во нашата земја на почетокот на овој месец.

Во објавата на заклучоците, Мисијата наведува дека Народната банка ја продолжи нормализацијата на монетарната политика преку зголемување на каматите, но и преку користење други мерки за да се осигури дека високата инфлација нема да потрае. Според очекувањата на ММФ, оваа година инфлацијата ќе изнесува просечно 9,2% и ќе се намали на 3,5% наредната година. Покрај придонесот за постепено намалување на инфлацијата и стабилизирање на инфлациските очекувања, монетарните мерки придонесоа и за стабилноста на девизните резерви, наведуваат од Мисијата. Имајќи го предвид фиксниот девизен курс на денарот, девизните резерви се најважната алатка во одржувањето на неговата стабилност.

Мисијата на ММФ посочува дека банкарскиот сектор е ликвиден, профитабилен и соодветно капитализиран, при што од ММФ посочуваат дека позитивните тековни услови треба да се искористат за натамошно зајакнување на капиталот. ММФ, исто така, ги поддржува макропрудентните мерки коишто ги усвои неодамна Народната банка, а коишто се однесуваат на квалитетот на кредитната побарувачка, за кои наведуваат дека се важна алатка за управување со ризиците во секторот „недвижнини“.