Две лица ги загубија животите, а едно е тешко повредено во две одвоени сообраќајни несреќи кои се случија во земјата.
Како што информира МВР, 44 годишна жена од виничкото село Градец загина во сообраќајна несреќа која вчера попладне се случила на магистралниот пат A4 Струмица-Радовиш кај селото Владевци.
Во несреќата учествувале автомобил „шевролет спарк“ со струмички регистарски ознаки, управуван од В.Т.(18) од с.Сушево, струмичко и мотоцикл „кавасаки“ со кочански регистарски ознаки, управуван од С.К.(58) од Кочани.
-На местото на несреќата починала сопатничката на мотоциклот Р.К.(44) од с.Градец, виничко, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, додека мотоциклистот С.К. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Медицински центар-Струмица, велат од МВР.
Втората сообраќајна несреќа со смртни последици се случила синоќа околу 00:50 часот на регионалниот пат Струга-Дебар, на влезот во селото Велешта.
-А.О.(21) од с.Велешта, управувајќи патничко возило „фолксваген голф“ со струшки регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот. На местото на несреќата возачот им подлегнал на повредите, а смрт констатирал лекар од Медицински центар Струга, информира МВР.