24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бугарското државјанство му давало спокој на Пендиков – нови обвинувања за Охрид и Македонија од новопечениот Бугарин

Ден по добивањето на бугарското државјанство, во интервју за БНТ, Христијан Пендиков изјави дека на крајот на месецот ќе се врати во Македонија на претстојното редовно рочиште за случајот за нападот против него.

Пендиков, кој е секретар на затворениот бугарски културен клуб во Охрид, истакна дека сè уште има многу македонски Бугари, како што се претседателите на бугарските клубови, кои немаат бугарско државјанство, а за ова доставиле документи пред долго време.

„Најистакнатите македонски Бугари, тие што најмногу се борат, кои добиваат најмногу закани, тие немаат бугарско државјанство, но тие пред многу години поднеле документ за бугарско државјанство и чекаат, им треба помош“, вели Пендиков во интервјуто.

Како што додаде, веќе речиси целосно заздравел од повредите, а како Бугарин е мирен бидејќи има бугарско државјанство.

„Чувството дека имам бугарско државјанство за мене е чувство што ми дава спокој за иднината“, вели тој.

„Отсекогаш сум бил прифатен од сите луѓе од општата популација, како во Охрид, во цела Македонија, каде што имам пријатели. Никогаш не сум имал проблеми. Но, кога гласно го покажавме бугарското чувство, тие почнаа да ни го покажуваат прстот. Не можеме мирно да шетаме во Охрид, во другите градови, кај и да одиме мора да се вртиме, некој ќе ни се обрати со закани, ќе нè опцуе, тоа не е убаво“, рече Пендиков.

Обвини дека властите во југозападниот дел на земјата не реагирале соодветно на нападот против него.

„Бугарите во Северна Македонија се малтретирани, прво, од самите државни органи, дали од полицијата, од нивните служби – ги прозиваат, ги уценуваат, некои такви работи. Второ, имаат многу такви профили – онлајн-медиуми, профили кои се од непознати автори и споделуваат наши приватни фотографии, наши семејни фотографии, каде што пишуваат дека треба да нè убијат, повикуваат на насилство врз нас, покажуваат некои наши лични фотографии, фотографии што ги наоѓаат на нашите профили на „Фејсбук“, на „Инстаграм“ и цело време повикуваат на насилство врз нас македонските Бугари, дека сме биле некакви си предавници“, вели тој.

На Пендиков претходно со сите почести на официјална церемонија му беше врачено бугарското државјанство.