25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Карпош имплементира проект за производство на соларна енергија во станбените згради

Со потпишување на Меморандумот за соработка од страна на градоначалникот Стевчо Јакимовски и извршниот директор на Хабитат Македонија, Зоран Костов, Општина Карпош од денеска и официјално стана дел од активностите на проектот „Sunrise“, кој е насочен кон развој на користењето на на обновливи извори на енергија во домаќинствата кои живеат во станбените згради. Станува збор за проект којшто е финансиран од програмата од Европската климатска иницијатива (ЕУКИ), кој инаку е инструмент за финансирање на проекти на Германското федерално министерство за економски работи и климатска акција (BMWK). Во таа насока, партнер – имплементатор на проектот е Хабитат Македонија, а истиот ќе се спроведува во општините Карпош и Битола.

– Би констатирал дека ние како општина сме пионери во подобрување на енергетската ефикасност, како на објектите кои ги поседува локална самоуправа, така и на објектите за колективно и индивидуално домување. Пред сѐ, би сакал да изразам голема благодарност до Хабитат Македонија, бидејќи нашиот успех на ова поле се должи и на заедничката соработка со нив, која трае повеќе од една деценија. Од тој аспект, особено ми претставува задоволство што ги прошируваме овие активности и на полето на соларната енергија во колективните станбени згради. Ќе напоменам дека Карпош е меѓу првите општини во земјава која има активна програма за поставување на соларни панели на јавните објекти. Оттука, ме радува фактот што сме дел од овој проект и што ќе работиме заедно на унапредување на користењето на обновливи извори на енергија, а сето тоа оди во насока на нашите заложби за климатска неутралност – истакна градоначалникот Јакимовски.

Целта на овој проект е да се зголеми употребата на обновливите извори на енергија во станбениот фонд од страна на станарите, притоа следејќи го концептот на произведувачи и корисници на енергија во исто време. Охрабрувачки е што проектот „Sunrise“ го поддржува амбициозниот „Зелен Договор“ на ЕУ за постигнување на климатска неутралност во 2050 година, како и за декарбонизација на енергетските системи преку зголемување на употребата на обновливи извори на енергија во домаќинствата. Во овој случај, особен акцент е ставен кон оние луѓе кои живеат во станбени згради преку кои ќе се иницираат проекти, со кои ќе се зголеми користењето на соларна енергија во три земји од поширокиот регион, поточно во Бугарија, Литванија и Македонија.

– Со проектот „Sunrise“, Хабитат Македонија партнерски се вклучува во проектот од ЕУКИ програмата на германската влада и на тој начин, заедно со општините Карпош и Битола ќе спроведеме повеќе активности за зголемување на користењето на соларна енергија од страна на домаќинствата кои живеат во станбени згради. Тука се предвидени активности за анализа на параметрите кои влијаат врз зголемувањето на користењето на соларна енергија во станбени згради, вклучување на граѓаните во разбирање и едукација за користење на соларна енергија, како и изнаоѓање на решенија за финансирање за обновливи извори на енергија и инсталирање на пилот приклучоци и фотоволтаици во станбените згради – изјави извршниот директор на Хабитат Македонија, Зоран Костов.
Новите законски и подзаконски решенија за енергетика во земјава ќе влијаат поволно врз остварувањето на активностите на проектот. Имено, со воведување на концептот на производители – потрошувачи како нови учесници на пазарот, секое семејство (мал потрошувач или буџетски корисник) може да изгради фотонапонска електроцентрала на својот покрив, за производство на електрична енергија од обновлив извор на енергија. Притоа, произведената енергија ќе ја користи за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведена енергија го предава во електродистрибутивната мрежа. Притоа, инсталираната моќност на електроцентралата не треба да ја надминува предвидената инсталирана моќност согласно на Правилникот за обновливи извори на енергија.
– Со измените се овозможува потрошувач-производител да стане и домаќинство кое се снабдува со електрична енергија од универзалниот снабдувач, а воедно се дава можност за инсталирање на фотонапонски електроцентрали со моќност до 6kW. Со ова се предвидува, домаќинствата кои имаат зголемени потреби од електрична енергија да ја задоволат својата потрошувачка, а остатокот да го предадат во мрежата. На тој начин се овозможува и заедницата на домаќинства – сопственици на посебни делови во станбена зграда, (или во друг случај управителот на станбената зграда), да можат да изградат постројка за производство на електрична енергија од обновливи извори до 6kW, а произведената електрична енергија да се користи за потребите на заедничките делови во станбената зграда – прецизираше раководителката на Секторот за енергетика при Министерството за економија, Валентина Страделова.
Во оваа пригода беа претставени и надлежностите на советодавната група за чинители на проектот „Sunrise“. Станува збор за работно тело кое ќе учествува во процесот на идентификување на приоритетите на локалните заедници како и нивно интегрирање во проектните цели и активности, кои пак се во согласност со законодавните и стратешките национални и локални цели, кои ги опфаќаат прашањата за надминување на енергетската сиромаштија. Конкурсот на ЕУКИ за проектни идеи е имплементиран од страна на Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH, а неговата примарна цел е ЕУКИ да ја унапреди соработката во однос на климата во рамки на Европската Унија, како би се намалила емисијата на стакленички гасови.