25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Продолжуваме да работиме на унапредување на правата и услугите за лицата со оштетен вид

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, оствари средба со претседателот на Националниот сојуз на слепите лица, Жарко Селковски, како и претставници од двете страни, на која се разговараше за паричните права и услуги од системот на социјална заштита во нашата држава и можностите за нивно унапредување.

Соговорниците разговараа за можностите за зголемување на висината на правата, достапноста на ортопедските помагала, зголемување на средства што се издвојуваат од игрите на среќа за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст, можностите Националниот сојуз да стане лиценциран давател на услуги од социјална заштита, како и лична асистенција и воспоставување центар за рехабилитација.

На средбата претставниците на Министерството информираа дека со експертска поддршка од Европската комисија ќе се работи во делот на реформирање на правото за помош и нега од трето лица и правото за попреченост и нивно поврзување со индивидуалните потреби на корисниците, при што се земаат предвид позитивните примери на земји како Австрија и Словенија.

Исто така, беше истакнато дека во јуни ќе биде доставен во владина процедура предлог-закон за единствен систем за процена на лицата со попреченост.

Министерството за труд и социјална политика во соработка со другите релевантни институции ќе работи во насока на унапредување на положбата на слепите лица во нашата држава. Веќе е закажана средба со министерката за култура за вработување слепи лица во Националната универзитетска библиотека.

Во делот на барањето за пристапноста на веб-страниците и мобилните апликации на државните органи, Национален совет беше информиран дека од страна на МИОА е формирана работна група за имплементација на оваа директива и изработка на предлог законски решенија за пристапност на овие содржини.

Изминатата година висината на посебниот додаток беше зголемена 15 % за сите три подвидови корисници. Дополнително, во јануари се направи усогласување на правата од социјална и детска заштита со трошоците за живот. Корисниците на правата добија 14,2 % повисоки исплати на правата чии корисници се. А за корисниците на посебниот додаток тоа е зголемување на правото речиси 30 %.

Владата на Република Северна Македонија како дел од последниот пакет антикризни мерки за поддршка на ранливите категории граѓани ги опфати и лицата со попреченост. Па, така, со Законот за финансиската поддршка за ранливите категории граѓани за справување со енергетската криза беа обезбедени парични средства од 3.000 денари месечно во времетраење од четири месеци или вкупно 12.000 денари.