24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бектеши ги објави имињата на маркетите што продавале по повисоки цени и најави кривични пријави

Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави кривични пријави за некои од трговците што не ги почитувале владините одлуки за замрзнувањето на цените.

Бектеши рече во текот на вчерашниот ден биле одземени над 15 тони овошје и зеленчук од страна на надлежните институции, а има прекршочни пријави и за управителите на Кванташкиот пазар. Казнети се и увозници на овошје и зеленчук, како и компании што се занимаваат со малопродажба.

Министерот ги објави имињата на некои од поголемите маркети што ја прекршувале владината одлука, како што се КАМ, „Веро“, „Кипер“, „Стокомак“, „Миса“, „Тинекс“.

Појасни дека на овие трговци веќе им се изречени глоби, а дополнително за некои од нив неделава ќе бидат поднесени и кривични пријави.

„В петок јавно ќе се поведат кривичните постапки“, рече Бектеши.

Одлуката за цените ќе продолжи да важи и во наредниот период.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, изјави дека на Кванташки биле констатирани многу прекршоци.

Затекнати се трговци што не водат евиденција во трговија, рече тој, а одземените стоки се предадени до Агенцијата за управување со одземен имот.

Трајковски најави дека од денес сите инспектори што констатирале прекршок ќе се појавуваат на судските рочишта и тоа мора да биде пракса. Системот мора да профункционира, додаде тој.