При денешната посета на маркет во скопската населба Тафталиџе, премиерот Димитар Ковачевски рече дека е пријатно изненаден затоа што покрај почитувањето на одлуките на Владата, намалена е и цената на брашното, без да се реагира и за тоа. По посетата тој изјави дека е задоволен од тоа што го гледа, но потребно е уште повеќе за да им се олесни на граѓаните.
Тој им порача на компаниите дека е време да им вратат на граѓаните, како што, кога им беше најтешко, државата им помогна на нив.
-Нашата посета денеска не е случајна. Водиме практична и инклузивна политика, носиме одлуки што ги засегаат граѓаните, сакаме да го слушнеме нивниот глас. Тука нема да застанеме, ќе продолжиме да го штитиме стандардот на граѓаните, нема да дозволиме лично богатење во време на криза. Ова е време на солидарност, а не време на остварување профити. Време е сите компании да им вратат на граѓаните, им пруживме рака за стабилност, сега бараме тие да пружат рака, само така, со заемна помош, може да ја пребродиме кризата, изјави Ковачевски.
Во однос на цените тој порача дека ќе има и други интервенции ако анализите покажат дека е потребно.
По пандемијата и војната во Украина, во услови на криза, цените на основните прехрамбени продукти енермно се зголемија, по што следеше реакција на Владините институции за да се стави некаков ред.
„За мене е сосема јасно и тоа сум го кажал во сите прилики од септември до денес, дека трошоците за живот се зголемени како резултат на војната која се води во Украина и заради тоа Владата донесе низа на мерки од зголемување на минималната плата, зголемување на пензиите, зголемување на финансиската помош на најранливите категории на граѓани.
Донесовме антикризни мерки од 760 милиони евра, кои беа наменети исклучиво за најранливите категории на граѓани и задржување на ликвидноста на компаниите“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека според параметрите, од октомври досега, инфлацијата се намалува на месечно ниво.
Досега Владата донесе одлука за „замрзнување“ на цените на белиот леб, тестенините, некои основни млечни производи, јајцата од кокошка и оризот , а најавено е и ограничување на цените на хигиенски производи и овошјето и зеленчукот.
При денешната негова посета на маркетот „Кит Го“ во Скопје, Ковачевски истакна дека доколку има потреба, по направените анализи, ќе се реагира секаде каде што тоа е потребно.
извор Бриф.мк