Министерот без ресор беше 14 месеци член на Владата, но сè уште ретко кој го познава и не знаеме што работел тој човек и никој до сега не ги почувствувал резултатот и неговиот бенефит во Владата. Да бидеме искрени и чесни чупи, за тоа не е крив тој. Неговото место во Владата беше само резултат на партиско-коалициски пазар помеѓу тогашните коалициски партнери кога наголемо се правеше пазар и се тргуваше, се делеа министерски и директорски позиции, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на денешната седница.
Мицевски потсети дека во минатото СДС ветувал намалување на министерските позиции, но го направил тотално спротивното, само за задоволување на интересите и барањата на политичките партнери сè со цел задржување подолго на власт.
Сакам да ја потсетам јавноста дека иако пред неколку години раководството на СДС во неколку изборни процеси наголемо ветуваше дека ќе го намали бројот на министерства, тие го направија токму спротивното. Постојано измислуваа работни места, позиции, функции во Владата, само за да се испазарат со своите политички партнери за да ги одржат на власт нивната вештачка коалиција и мнозинството. Така беше претходно, така ќе биде и сега и затоа оваа измислена позиција постои во Владата и затоа не ги гледаме бенефициите од неа. Позиција за задоволување на коалициските потреби и барања, рече тој.
Според Мицевски, со реконструкцијата нема да се решат проблемите на граѓаните нарекувајќи ја Владата „пазар 3“.
Реконструкцијата на Владата и на неколку заменик-министри нема да реши ништо во државата. Нема да ги решат и нема да исчезнат натрупаните проблеми на граѓаните, кои секојдневно се соочуваат токму поради оваа вештачка творба наречена купи ден продај или по ново „пазар 3 Влада“, изјави Мицевски.
Координаторот Мицевски ја спомна и анкетата на „Евротинк“, во која дури 61 процент од населението сметаат дека во Македонија нема демократија додавајќи дека ова е поразително за Владата на СДС укажувајќи дека во согласност со анкетата ова нема да се реши со реконструкција на Владата, туку со оставка на целата Влада.
Дури 53 проценти сметаат дека оваа Влада во целост ја води државата погрешна насока, а само мизерни 5 проценти сметаат дека се движи во добра насока. По поразителен факт од ова нема, ако и ова Ковачевски и неговата екипа во Владата не го гледаат, тогаш имаме многу поголем проблем од ова што го зборувам сега, рече Мицевски.