25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бектеши на првиот билатерален скрининг за поглавјето Внатрешен пазар: Со целосно усогласување на нашето законодавство ќе обезбедиме поголеми права за основање и слободата на давање на услуги

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Брисел се обрати на првиот билатерален состанок во рамки на Кластерот за Внатрешен пазар, со Поглавје 3 – Право на основање и слобода на давање на услуги. Ова е прв билатерален состанок за Поглавје за кое е надлежно Министерството за економија.

Министерот Бектеши во своето воведно обраќање се заблагодари за досегашната соработка и поддршка која ја имаше Министерството за економија во спроведувањето на активностите за усогласување со законодавството во ова Поглавје.

“Заклучоците и препораките кои ќе произлезат од овој билатерален состанок ќе ги постават следните чекори во процесот на пристапување во областа на Право на основање и слобода на давање на услуги. Ние сме свесни за важноста да се обезбеди правото на основање и слободата на давање на услуги преку процесот на усогласување на законодавството во оваа област. Слободното движење на услуги преку елиминација на бариерите за вршење на услужните активности ќе придонесе за развој на економските активности, повисоко ниво на вработување, висок степен на конкурентност и подобрување на квалитетот на услугите, а со тоа и на квалитетот на животната средина. Министерството за економија како надлежно министерство, во соработка со останатите институции, континуирано спроведува активности за усогласување со законодавството на ЕУ и зајакнување на административните капацитети во областа на услугите. Активностите се спроведуваат во согласност со заклучоците и препораките од Поткомитетите и од Извештаите за напредок на нашата земја” кажа министерот Бектеши.

Во однос на правната рамка, како што кажа министерот Законот за услуги, Законот за меѓусебно признавање на професионални квалификации и Законот за поштенски услуги се основни закони во оваа област.

“Во Законот за услуги целосно е транспонирана Директивата за услуги. Со цел имплементација на законот, Владата во 2020 година усвои Акциски план за усогласување на секторското законодавство со Директивата. Министерството за економија е координатор на процесот и ја следи имплементацијата на Акцискиот план. Во рамки на ИПА Проектот „Зајакнување на внатрешниот пазар“ , компонента 2 за слободно движење на услуги, во периодот 2021-2022 година се спроведе нова детална анализа за оцена на усогласеност на законодавството со Директивата за услуги. Врз основа на наодите од анализата, во тек е подготовка на нов Акциски план со мерки за усогласување. Свесни сме дека усогласувањето со Директивата за услуги е континуиран процес и се однесува не само на постојните прописи туку и на нови прописи или измени на постојните прописи. Ова се има предвид при планирање на идните активности во оваа област” кажа Бектеши во своето обраќање.

Со оглед на хоризонталниот карактер на законодавството за Поглавје 3, на скринингот беа присутни претставниците на Работната група за Поглавје 3 од голем број на институции: Министерство за економија, Централен Регистар, Министерство за транспорт и врски, Агенција за пошти, Министерство за образование и наука, Министерство за финансии, Министерство за правда, Министерство за информатичко општество и администрација, Агенција за храна и ветеринарство, Агенција за катастар на недвижности и други.

Министерот кажа дека во однос на обврската да се воспостави Единствена точка за контакт, Националниот портал за е-услуги е веќе воспоставен.

Министерството за образование и наука е надлежна институција за процесот на транспонирање на Директивата на ЕУ за признавање на професионални квалификации. Подготвен е нов Закон за за признавање на професионални квалификации во кој се транспонирани Директивите
Во областа на поштенски услуги, националните прописи се целосно усогласени со првата и втората поштенска директива и делумно се усогласени со третата директива, а се подготвува Стратегија за развој на поштенските услуги и подготвува законска регулатива за поштенските активности во соработка со Агенцијата..