23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
????????????????????????????????????
МАКЕДОНИЈА

Демократскиот сојуз: Да се прекине со активности за проширување на парламентарното мнозинство

Демократскиот сојуз смета дека идејата за зголемување на парламентарното мнозинство дополнително ќе го засили незадоволството кај граѓаните, ќе се заострат меѓуетничките тензии и сериозно ќе се нарушат уставните принципи за соодветна и правична застапеност на етничките заедници во власта.

Инаку, и со сегашната композиција на Владата прекршени се основните решенија од Охридскиот рамковен договор, како и нормите Бадентер и „балансер“, произлезени од него, велат од партијата.

„Доколку сакаме функционални институции, приоритетни услови за раководни функции во власта, мора да бидат стручноста, професионалноста, личниот интегритет и отпорноста од партиски и криминални влијанија. Партизацијата и етничкиот клуч ги блокираа и ги криминализираа институциите“, велат од партијата на Павле Трајанов.

Ставот на Демократскиот сојуз е наместо сегашните преговори за приклучување на Алијансата во власта, СДСМ, а особено ДУИ, итно да ги консолидираат внатрепартиските состојби за да се продолжи со реформите, особено во правосудниот систем и да се почне со силна и неселективна борба против корупцијата.

Демократскиот сојуз порачува дека во скрининг-процесот треба да се вклучат сите креативни потенцијали, а парламентот континуирано да биде информиран.

„Наместо граѓаните и партиите да се делат на поддржувачи и противници на ЕУ и да се најавуваат некакви нови сојузи, да се засукаат ракавите и да се работи на конкретни проекти, а не на сеење магла и продавање демагогија. Незадоволството, загриженоста и разочараноста од вкупните состојби во државата секојдневно се зголемуваат поради што неопходни се промени, но и јакнење на одговорноста. Граѓаните очекуваат единство и сплотеност, како и заштита на стратешките и националните интереси“, велат од Демократскиот сојуз.