25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пенов: Регионалната политика на ЕУ е шанса за развој на општините

Министерството за локална самоуправа преку политиката за рамномерен регионален развој преку две посебни мерки за стимулирање, реализираше 47 проекти за развој на селата и 23 проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби, во вкупна вредност од 230 милиони денари, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на тркалезната маса во делегацијата на ЕУ организирана од италијанската амбасада во земјава.

– Проблемот на празнење на руралните населени места или нивна депопулација, со децении е присутен во нашата земја. Прво како резултат на миграцијата село-град, а сега уште повеќе и како резултат на иселувањето на младите луѓе во странство. Последните резултати од пописот покажаа дека бројот на население опаѓа, што значи дека го губиме најважниот ресурс во државата, човечкиот, додаде тој во рамки на разговорите за регенерација на оддалечените рурални области, вели министерот за локална самоуправа.

Пенов посочи дека најмалата општина, Зрновци има само 2086 жители, а најголемата, Куманово, без малку 100 000 жители. Ова се огромни разлики кои што укажуваат и на различните развојни капацитети на општините.

– Од голема корист се ваквите тематски расправи, особено кога се поттикнати од земји, членки на ЕУ. Се обидуваме да ги обезбедиме основните услови за живеење, но ова не е доволно за да се поттикне посериозен развој. Во политиката за регионален развој на ЕУ, се повеќе акцентот се става на развојот на урбаните јадра, кои што ќе имаат сила да го повлечат и развојот на околните населени места, истакна Пенов.