24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Грковска: На сајбер безбедноста треба да гледаме како инвестиција која ја јакне довербата на граѓаните во институциите

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска се обрати на 18-тото издание од Конференцијата e-Society – Cyber Resilience for Freedom and Security, одржана во Скопје, а организирана во синергија со проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“, ко-финансиран од Европската Унија.

„Како општество мора да работиме и на сајбер безбедноста и сајбер отпорноста, процеси кои мораме да ги реализираме паралелно со процесот на дигитална трансформација на општеството. На сајбер безбедноста не треба да гледаме како на трошок, туку како на инвестиција која од една страна ја штити нашата држава и нашите граѓани од надворешни напади, но од друга страна овозможува и јакнење на довербата на граѓаните во институциите и во системот “, изјави вицепремиерката Грковска во своето обраќање.

Според неа, оваа Конференција на која има учесници од сите профили, експерти, носители на одлуки, претставници од граѓанскиот сектор е одлична прилика да се потенцира дека дигиталната трансформација на општеството е долг процес, не е политички, не е партиски, туку општествен процес за кој е неопходно да се обезбеди континуитет и одржливост.

„По претходно преземена иницијатива од страна на мојот Кабинет, Северна Македонија стана 103-та членка на GFCE – Global Forum on Cyber Expertise, во која членуваат и соработуваат владите на најразвиените земји во светот на темата Сајбер безбедност, организации како ОБСЕ, Светска банка, Обединети нации, Европската Унија, Совет на Европа, Интерпол и многу други, како и стопански комори и приватни компании кои работат на оваа тема“, рече во своето обраќање вицепремиерката Грковска.

Таа најави дека наредната недела, во соработка со E-governance academy, организација од Естонија која ги помага процесите на дигитална трансформација во повеќе држави, ќе биде организирана „Strategic Cyber security table-top exercise“, на кои ќе присуствуваат претставници од речиси сите министерства во Владата и владини агенции кои имаат надлежност во делот на сајбер безбедноста.