Неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ го доведе во колапс јавниот превоз и создаде хаос во функционирањето на градот Скопје, обвини владејачкиот СДСМ.
„Новата работна недела скопјани ја почнаа со сообраќаен метеж, блокирани улици. Приватните автобуски превозници не возат поради неисплатени милионски долгови од страна на Градот Скопје. Скопјани се принудени да ги користат само линиите на ЈСП, кои не се редовни, што предизвикува нервози, доцнења на работа, на училиште, на факултет, на лекар.
Поради неспособноста и неодговорноста на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје првпат во историјата остана без јавен автобуски превоз. ЈСП сè подлабоко тоне во долгови. Додека јавниот сообраќај е во хаос, никаде ги нема новите автобуси што ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска ги ветуваа, ниту ја има фабриката за електрични автобуси што шпицниот градоначалник Мицкоски ја најавуваше.
Арсовска лани ги доби локалните избори токму со ветувањата за јавен превоз. Ветуваше брз, ефикасен и бесплатен автобуски превоз за сите граѓани. Наместо реализација на ветувањата, ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска создадоа катастрофа во град Скопје“, додаваат од СДСМ.