23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА  „СОК ОД ПРОСТАТА“ ОД ЈОВАН ПАВЛОВСКИ

Културно-Информативниот Центар – Скопје, има особена чест и задоволство да ве покани на промоција на книгата  „Сок од простата: јубилејно издание“ од Јован Павловски во издание на Книгоиздателството Ми-Ан  на ден 30.11.2022 година  со почеток во 19:19 часот во Салон  Империјал 2

Промотори се проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и проф. д-р Кристина Николовска, а музички настап ќе има Билјана Петровска.

Јован Павловски речиси шеесет години е присутен во македонската култура како писател, енциклопедист и публицист. Автор е на над 40 книги (поезија и проза), над дваесет публицистички трудови. Особено е значаен неговиот придонес во македонската енциклопедистика. Тој е уредник и издавач на првата македонска општа енциклопедија.

Јован Павловски е во три мандата претседател ан Друштвото на Писателите на Македонија, добитник на високи литературни и државни награди.

Изданието е по повод 85 години живот и 65 години творечка дејност на истакнатиот македонски писател, енциклопедист и публицист Јован Павловски. Освен романот „Сок од простата“, во изданието се поместени и критички осврти за творештвото на Павловски од акад. Катица Ќулафкова, проф. д-р Наташа Аврамовска, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, проф. д-р Гоце Смилевски, проф. д-р Владфимир Мартиновски, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, доц. д-р Бобан Карапејовски и м-р Иван Антоновски.

Култниот роман на Јован Павловски „Сок од простата“, веднаш по појавувањето во 1990 година, ги разбранува литературните и културните води во Македонија. Во една од првите реакции на изданието, Миодраг Друговац за „Сок од простата“ напиша дека тоа е „едно од најоригиналните дела на македонската и југословенската литература, скапоцен алем-камен во мозаикот на нејзините вредности. Тоа е еротичко дело што фасцинира!“ Петар Т. Бошковски подвлекува дека „романот [„Сок од простата“] на рамниште на модерен жанр, на главна врата ја внесува еротиката во современата македонска литература, ја внесува со достоинство на комплетно остварување, кое ја има енергијата на неодоливата уметничка мотивираност и инспирација, и кое носи печат на авторска оригиналност“ Впрочем, на одобрувањето на критиката ѝ се придружија и читателите: „Сок од простата„ беше најчитана книга во времето на нејзиното објавување, беше прогласена за најчитана книга во Србија, а до денес има седум изданија на македонски јазик, како и редица преводи на други јазици. Реномираната „Хрватска енциклопедија“ на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ од Загреб, „Сок од простата“ го определува како првиот македонски еротски постмодернистички роман: „Јован Павловски е тематски преокупиран со личното и колективното (национално) постоење, идентитетот и ентитетот во минатото, сегашноста и иднината, односот на животот и смртта, сексуалноста и еросот. Неговата контемплативна и самореференциска поезија се карактеризира со тематска иновација и организирани збирки. Во романите, тој е склон кон документарност, натуралистички описи, цитати и ликови на несубверзивни губитници. „Сок од простата“ е првиот македонски постмодернистички еротски роман.“.

„Сок од простата“ не е само еротски роман. Како и во своите други дела, Павловски му остава на читателот да избере која наративна линија ќе ја следи. Бездруго, романот може да се појми како еротска проза, проза која со директноста на изразот и со неговата реалистичност се стреми да ги пробие елитизираните, закоравени ставови за пристојното/непристојното, да ја деконструира хипокризијата на „високата литература“. Но… Исто така, „Сок од простата“ е длабока лирска приказна за осаменоста и културниот шок, за страста и љубовта, за несигурноста во сопствените чувства и колебањето: која е разликата меѓу страста и љубовта. Секако, „Сок од простата“ носи во себе и сериозна социјална приказна за моќта и немоќта, за општеството кое жестоко делува на нас, за парите и очекувањата на Другиот за тоа како треба, мора или е „исправно“ да се однесуваме. Со еден збор, „Сок од простата“ е комплексен роман кој покренува редица прашања, универзално актуелни. Тоа е роман кој, на свој начин, нуди и можни одговори на тие прашања. Дали ќе ги прифатиме или не, зависи од нас.