25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Андонов: Состојбата со електро-енергетскиот систем е стабилна, да продолжиме со зголемување на заштедите и во наредниот период; најдобро и најефикасно решение за енергетската криза е инвестирањето во нови енергетски капацитети

Соработникот за енергетика во Владата на Република Северна Македонија Виктор Андонов, на денешната прес-конференцијата ги соопшти најновите информации кои се однесуваат на енергетска состојба во земјава. Со ова Владата продолжува со редовното и транспарентно информирање на јавноста за состојбите во енергетскиот сектор.

Како што информираше соработникот за енергетика препораките за заштеда на електрична енергија веќе се спроведуваат од институциите, за што се доказ бројките од месец октомври кои покажуваат дека државните институции успеале да заштедат 24 отсто електрична енергија. Владата на Република Северна Македонија со посветениот и одговорен пристап на сите свои вработени заштедила вкупно 32 отсто на електрична енергија.

Андонов потврди дека трендот на заштедите на електрична енергија е во нагорна линија и дека во септември во споредба со истиот месец лани имавме 20 отсто заштеди на електрична енергија, а веќе во октомври констатираме дека имаме пораст и тој изнесува 24 отсто во споредба со октомври 2021 година.

Соработникот за енергетика Андонов апелираше дека во периодот што следува сите треба да сме максимално одговорни.

„Заради пониските температури да бидеме уште повнимателни во користењето на електричната енергија за да го продолжиме овој тренд на намалување на потрошувачката, односно да продолжиме со зголемување на заштедите. Како одговорна Влада, одговорно менаџираме со ресурсите. Сакам да се заблагодарам до сите колеги вработени во Владата и до сите вработени во државните институции кои покажаа висока свесност за состојбата во која се наоѓаме и евидентно, бројките покажуваат резултат со заштеда која е нотирана веќе втор месец по ред“, истакна Андонов.

Тој порача дека секоја мала промена на навиките може да доведе до голема заштеда на електрична енергија и ресурси и дека заштедите се многу важни за да имаме стабилен енергетски систем и да ја намалиме оптовареноста.

На прес-конференцијата соработникот за енергетика го презентираше дневниот енергетски биланс за производството на електрична енергија од вчерашниот ден, 22-ри ноември.

„Вчера беа произведени вкупно 10.199 MWh електрична енергија од кои 7.525 MWh од термоелектраните, додека 2.674 MWh од обновливи извори, а набавени се 4.580 MWh електрична енергија. Со овие количини на електрична енергија, произведени во домашните енергетски постројки и од набавката на електрична енергија, задоволени се целосно потребите на сите корисници на регулираниот пазар, односно за домаќинствата и малите потрошувачи. Состојбата со електро-енергетскиот систем во овој момент е стабилна. Продолжуваме посветено да ја следиме на дневно ниво и да носиме соодветни одлуки кога за тоа ќе има потреба“, истакна Андонов.

На медиумскиот интерес, зошто во време на енергетска криза не се рестартира старата идеја за „Вардарска долина“ како енергетски ресурс на кој би можеле да се изградат преку стотина мали проточни хидроцентрали, Андонов потсети дека овој проектот датира од пред повеќе од 30 години е еден од оние кои се во плановите на ЕСМ и кој се наоѓа во Стратегијата за развој на енергетиката. Со оглед на тоа што АД ЕСМ е државната компанија и за развој на нови капацитети, проектот „Вардарска долина“ е ставен во нивните планови и во изминатиот период. Во моментов се изработуваат дополнителни анализи за можностите на кои локации можат да се изградат малите проточни хидроелектрани со оглед на тоа што студиите со кои располагаме се постари од 50 години и потребно е да се направи обновување на податоците.

На медиумскиот интерес, до каде е проектот со браната „Кнежево“ изградена пред 20 години со донација од 100 милиони долари од Јапонија, Андонов информираше дека браната „Кнежево“ е изградена како прва фаза од проектот „Изградба на Злетовица“ финансиран со грант и финансиски средства од јапонската Влада. Тој посочи дека во изминатите 2-3 години завршени се сите технички документи, студии за животна средина кои се потребни за изградба на втората и на третата фаза и тоа со грант и техничка помош од Европската инвестициска банка. Се очекува во периодот од следната 2023 година да бидат преземени конкретните чекори во насока на обезбедување на потребните финансиски средства и за конечно овој проект да биде реализиран.

Во контекст на медиумскиот интерес, за енергетската криза и начините за нејзино надминување, соработникот за енергетика Андонов истакна дека најдобро и најефикасно решение е инвестирањето во нови енергетски капацитети, посочувајќи дека во изминатите три години се потпишани договори за изградба на 130 мегавати на фотонапонски електрани по пат на премиум тарифи – мерка која беше воведена за прв пат со новиот закон за енергетика. Пред околу месец дена беше пуштена најголемата фотонапонска централа од 17 мегавати, во изминатиот период беа пуштени неколку помали, а се очекува до крајот на наредната 2023 година сите електрани од вкупно 130 мегават да бидат пуштени во употреба.

Андонов информираше дека дополнително е потпишан Договор за јавно приватно партнерство за изградба на две електрани по 50 мегавати на стариот рудник во Осломеј со турската компанија „Фортус“ и бугарската „Солар Про“ и се очекува во текот на наредна година овие две електрани да бидат изградени. Тој потсети дека таму веќе има изградено и фотонапонска електрана од 10 мегавати, инвестиција на ЕСМ со поддршка од ЕБОР и во овој момент се објавени јавни повици за изградба на уште една 10 мегаватна електрана во Осломеј и една 20 мегаватна во РЕК Битола. Дополнително од страна на Регулаторната комисија за енергетика беше објавено дека само во текот на изминатата година се издадени над 200 лиценци за фотонапонски електрани за вкупно инсталиран капацитет од 86 мегавати.

Како најважен проект за нашата енергетска транзиција Андонов ја посочи хидроцентралата „Чебрен“, за која се очекува до крајот на оваа година да се донесе одлука за избор на најповолна понуда и конечно овој проект да биде реализиран. Тој потврди дека до крајот на годината се очекува во Парламентот да бидат испратени неколку предлог-закони за реализација на стратешки инвестиции како што се една од најголемите фотонапонски електрани во овој дел од Европа – соларниот парк „Стипион“ од страна на реномираната француска компанија „Акуо“ со инсталиран капацитет околу 400 мегавати и ветерниот парк „Вирови“ во реонот на Крива Паланка, Ранковце, со инсталиран капацитет од 414 мегавати од страна на реномираната германска компанија „ВПД“. Со ова, како што нагласи, значително ќе се подобрат состојбите со производство на електрична енергија од домашни извори во наредниот период.