25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Началникот на Генералштабот на Армијата во официјална посета на Вооружените сили на Романија: Со нашиот придонес во активностите на НАТО за засилување на одбраната на источните граници на НАТО се зацврстува меѓусебното партнерство и соработката

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој ја предводи делегацијата на Армијата на Република Северна Македонија, со денешната посета на главните команди на Вооружените сили (ВС) на Република Романија, ги заврши предвидените активности од официјалната посета.

За време на посетата генералот Ѓурчиновски, оствари официјалната средба со началникот на Генералштабот на ВС на Романија, генерал Даниел Петреску на која се разговарало за безбедносната ситуација, идентификацијата на начините за унапредување на билатералната соработка и мерките за зајакнување на сојузничкото одвраќање и одбранбената позиција на источното крило, вклучително и учеството на Армијата на Република Македонија во мисиите планирани од НАТО во Романија.

Во контекст на нашиот ангажман, генералот Петреску искажал благодарност за придонесот кој ја прикажува сојузничката солидарност и обединетост во заедничката одбранбена политика на НАТО, но и зголемување на интероперабилноста која ќе се постигне преку заедничката обука и активности.

Началникот на генералштабот го обиколи и гарнизонот каде наскоро ќе бидат разместени и ќе извршуваат должности припадници на Армијата на Република Северна Македонија, во склоп на мултинационалните сили за зголемени активности за будност на НАТО.

За време на посетата генералот Ѓурчиновски ги обиколи и Воениот колеџ, главните штабови на копнените, воздухопловните и поморските сили, како и еден пешадиски баталјон, каде имаше средби со военото раководство на овие команди и единици.

Воедно, делегацијата учествуваше и на конференција од доменот на безбедноста каде преку панел дискусии се дебатирало за актуелните предизвици и безбедносната архитектура во поширокиот црноморски регион во контекст на конфликтот во Украина и новиот стратегиски концепт на НАТО, на која излагање имаше и претставник од нашата делегација.

Досегашната соработка на Армијата на Република Северна Македонија со ВС на Романија, која започнува од 1998 година, се развива воглавно преку експертски средби, заедничко учество на вежбовни активности и обука, соработка во военото образование и учество во регионални иницијативи и форуми.