23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пораст кај здружувањето, пад кај непартиските активности – граѓаните сé уште ја сметаат државата за одговорна за општествените проблеми

За мнозинство од граѓаните (57,5%) државата е најодговорна за решавањето на општествените потреби. За 11 години, оваа бројка пораснала за 7 процентни поени. Од друга страна, во истиот период (2010 – 2021) за околу 10 пп (од 33,4% на 23,2%) паднал бројот на оние кои сметаат дека одговорноста треба да биде заедничка. Ова го покажа истражувањето „Општествена одговорност на граѓаните“ на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Со истражувањето е проверуван и јавниот дух на граѓаните преку оценка на степенот на оправданост на неколку генерално општествено неоправдани активности. За речиси 21 пп се зголемил бројот на граѓани за кои е неоправдано да се плаќа во готово за услуги за да се избегнат даноци и сега изнесува 83,4%, за разлика од 2010 година кога бил 62,6%. Мамењето за данок доколку постои шанса за тоа е неприфатливо за 93,4% од граѓаните, а во 2010 година оваа активност била неприфатлива за 87,0% од граѓаните. Од друга страна пак за нијанса е намалена одговорноста на граѓаните за самите себе (возење под дејство на алкохол) и околината (фрлање ѓубре на места кои не се определени за тоа).
Граѓаните повеќе се социјализираат. Тие најчесто се дружат со своето потесно и/или пошироко семејство (66,6%) и со своите пријатели (54,9%), а помалку со колегите од работа (30,4%). Времето поминато со семејството се зголемило за околу 16 процентни поени во однос на 2010 кога изнесувало 49,9%. Пораснал и бројот на оние кои посетуваат верски храмови од 20,2% на 29,9%. Етничките Албанци и припадници на исламска религија значително повеќе ги посетуваат верските храмови, особено младата популација од оваа група граѓани. На социјализацијата влијаат возраста, финансиските средства и образованието. Помладите, оние со повисоки примања и оние со завршено вишо или високо образование почесто се дружат со пријателите, колегите и повеќе време издвојуваат за спортски или рекреативни активности.

Има значителен пад во учеството на граѓаните во непартиски активности во споредба со истражувањето пред 11 години. Вкупно 15,0% рекле дека се вклучуваат во потпишување петиција во споредба со 25,7% во 2010 година. Околу 14% учествувале на мирен протест за разлика од 36,6% кои го направиле тоа пред 11 години. Најактивни во непартиски активности се граѓаните на возраст од 30 до 49 години, а лицата со повисоко образование се повеќе вклучени во непартиски активности.
И учеството во доброволни акции бележи значителен пад. Само 7,6 % од граѓаните изјавиле дека во последните 12 месеци учествувале во доброволни акции, додека овој процент во 2010 година изнесувал 21,9 %. Ниската свест за волонтерски ангажман се гледа и од мислењето на голем дел од испитаниците дека немало волонтерски активности

во заедницата во последната година, што упатува на ниска самоиницијативност на граѓаните и зависност од мобилизација.
Се зголемил бројот на граѓаните кои членуваат во било која форма на здружување во однос на 2010 година. Црквите и верските организации се најпривлечни за граѓаните односно 43,6 % од нив се нивни активни или неактивни членови. Пред 11 години, црквите и верските заедници биле трети според бројот на граѓани кои членуваат во нив (30,7 %), а сега бележат најголемо членство. Политичките партии кои сега се второ рангирани според членството (39,1%) биле прво рангирани пред 11 години (37,5 %). Бројот на активни членови во политичките партии пораснал за 4,2 пп, додека бројот на неактивни членови се намалил за 2,6 пп.

По црквите и верските организации, најголем пораст кај членството се забележува кај граѓанските организации. Вкупно 36,8% од граѓаните изјавиле дека членуваат во граѓанска организации од кои, секој петти (20,7%) е активен, а 16,2 % се неактивни членови. За споредба, вкупното членство во граѓански организации во 2010 година изнесувало 24,6%, од кои 9,5% биле активни, а 15,1% неактивни членки. Возраста, образованието и класната определба влијаат врз членувањето во граѓански организации. Младата популација со повисоко образование која припаѓа на средните класи најмногу членува во граѓанските организации, a можноста за вработување е најголем мотив за членство и вклученост во работата на граѓанските организации.

Се забележува големо опаѓање во дарувањето во добротворни цели во последните 12 месеци споредено со истражувањето спроведено пред 11 години. Во 2021 година 27,0% од граѓаните дарувале (пари или добра) во добротворни цели во последните 12 месеци. Во 2010 година овој процент изнесувал 65,2 %. Во оваа ситуација единствено охрабрувачки е високиот процент на граѓани (61,3 %) кои иако не дарувале, спремни се тоа да го направат. Граѓаните најмногу даруваат за хуманитарни цели.

Анкетата ја спроведе агенцијата М-Проспект во ноември 2021 година, на репрезентативен примерок од 1.007 испитаници.