25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

(ВИДЕО) Совет на општина Прилеп: Кој гласаше за, а кој против доделување 300.000 денари за исхрана на децата со посебни потреби?

На последната 16-та седница на Советот на општина Прилеп, на која советниците расправаа за ребалансот на општинскиот буџет, владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги отфрли сите 12 амандмани предложени од опозицијата, пишува Публикум.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против предлог-амандманот на СДСМ и коалицијата за одобрување на 300.000 денари за исхрана на децата со посебни потреби, средства кои со ребалансот на општинскиот буџет беа укинати и пренаменети.

На истата седница, советниците од владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, по втор пат го одбија предлогот за доделување еднократна помош од 4.000 денари за секое семејство кое има запишано ученик во прво одделение, а го отфрија и предложениот амандман за финансиска поддршка на прилепските занаетчии.

Исто така, не беше поддржан ниту предлогот на СДСМ и коалицијата за одделување повеќе средства за спортските клубови од општина Прилеп и со тоа, меѓу другото, им завртија грб на спортската гордост на прилепчани, ФК „Победа“ и ракометниот клуб „Прилеп“.

На одбивањето да им се помогне на ранливите и на повеќе други категории на граѓани, реагираа од Општинската организација на СДСМ Прилеп.

Прилепските социјалдемократи го обвинија градоначалникот Борче Јовчески за ненаменско трошење на средствата од општинскиот буџет. Тука спаѓаат и потрошените 310.000 евра за, како што рекоа од СДСМ, времено вработување на 45 партиски војници на ДПМНЕ во Општина Прилеп и за инсталирање на паралелна општинска администрација од страна на градоначалнкот.

Заради лошото менаџирање на општината и нереализирање на ниту еден од ветените проекти, од Општинската организација на СДСМ Прилеп побараа Борче Јовчески да поднесе итна и неотповиклива оставка од градоначалничката функција.