23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Жито пром – Гевгелија се претстави на саемот СИАЛ во Париз

Жито Пром – Гевгелија ги претстави кроасаните и колачите 4U на саемот СИАЛ во Париз, еден од најпознатите светски настани од прехранбената индустрија, што се одржа од 15 до 19 октомври.

Со повеќе од 7000 излагачи од 126 земји во 10 павилјони, СИАЛ е една од најголемите изложби, но и места на кои се следат и диктираат светските трендови во производството на храна и пијалаци, па учеството таму е голем предизвик:

– Ова е уште еден клучен настан во планираните активности за промоција на нашите производи пред светската бизнис заедница во прехранбената индустрија. Во текот на овие денови успеавме да реализираме состаноци со 180 нови, потенцијални соработници од различни земји. Воедно, Жито Пром извезува веќе во 25 земји, па ваквите настани овозможуваат и средби со нашите постоечки партнери. Во период кога светската економија се соочува со многу предизвици, отворената и редовната комуникација со нив е од суштинско значење – вели Татјана Танева Новаковска, менаџер на Жито Пром.

СИАЛ се одржува секоја втора година, наизменично со „Ануга“ во Келн, каде што лани Жито пром, исто така имаше значајно и успешно претставување.

Жито Пром е семејна компанија од Гевгелија со 25 годишна традиција. На македонскиот, но и на странските пазари, препознатлив е по брендот 4U, кој се одликува со специфичен вкус и висок квалитет. Клучот за ваквата препознатливост на кроасаните 4U се заокружениот процес на производство и љубовта кон работата што компанијата ги негува веќе четврт век. Во 2021 година Жито Пром ја лансираше и функционалната линија колачи 4U, која беше препознаена и поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) како иновативен македонски производ. Токму со оваа здрава линија, како и со традиционалните колачи и кроасаните, познатиот гевгелиски бренд, во февруари годинава, беше единствената македонска фирма која се претстави и на најголемиот прехранбен саем во светот Гулфуд во Дубаи.