Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, заедно со градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, и генералниот директор на ТАВ, Метин Батак, изврши увид на работата на почнатите работи на регулација на поројот „Св. Илија“ до уливот во реката Водочница во Струмица, проект што се реализира преку ТАВ-програмата.
Битиќи потсети дека пред една година беа потпишани 94 договори за реализација на инфраструктурни проекти во сите плански региони или во 75 општини во целата земја во вредност од 49,7 милиони евра дополнувајќи дека досега проектите имаат одлична реализација и сите се во временските рокови на планирана изведба.
„Денеска, по една година, веќе комплетно се завршени 36 инфраструктурни проекти или реализирани се над 15 милиони евра од планираните средства, а другите проекти, како овој, се во тек и нивната реализација се очекува да биде во планираниот рок, односно до крајот на 2023 година и ова е одлична реализација!
Среќен сум што денеска, ден пред 8 Септември – Денот на независноста, можеме заедно да споделиме вакви вести и горди сме на зајакнувањето на инфраструктурата на локално ниво за сите граѓани во целата земја“, изјави Битиќи.
Градоначалникот Костадинов истакна дека овој проект е одличен пример за соработка помеѓу локалната и централната власт и општествено одговорните инвеститори, а во интерес на решавање на проблемите со што се соочуваат граѓаните.
„Со добиените средства во износ од 1,4 милион евра (86.700.000 денари) од програмата на ТАВ уредуваме 2.300 метри од вкупната должина на поројот, која изнесува 2.800 метри.
Досега се реализирани 65 проценти од армирано-бетонските работи или во должина од 1.800 метри и 30 проценти од камената облога на коритото или во должина од 850 метри. Уредувањето треба да обезбеди стабилизација на коритото и бреговите на поројот, подобрување на заштитата од големи води и подобрување на еколошките и естетските аспекти на околниот терен“, изјави Костадинов.
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Метин Батак, изјави дека со овој проект ќе се спречат потенцијални поплави при поројни дождови бидејќи неговата улога е дренажа на атмосферските води.
„Половина од работата е завршена, а другиот дел од речното корито, долго 2 километра, ќе биде готов до предвидениот рок.
Веруваме дека оваа инвестиција ќе придонесе за подобрување на квалитетот на граѓаните на Струмица како впрочем и сите 94 инфраструктурни проекти на општините и Владата финансирани од ТАВ со вкупна вредност од 49,7 милиони евра“, дополни директорот Батак.