23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Средба на премиерот Ковачевски со претседателката на Словачка, Чапутова: Силна поддршка во чекорите кон ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од Артан Груби, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, се сретна со претседателката на Република Словачка, Зузана Чапутова и словачка делегација, придружувана од словачкиот амбасадор во земјава, Хенрих Маркуш.

На состанокот се потврдени пријателските и блиски релации помеѓу двете држави и е изразена заедничка определба за нивно натамошно унапредување.

Потенцирана е отворената поддршка на Словачка на европските перспективи на Западен Балкан и во таа насока изразена е силна поддршка од Република Словачка за процесот на преговори и за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за значајното пријателство со Словачка и придонесот во остварувањето на стратешките евроатлански цели, во реформските процеси, како и во важни моменти за граѓаните, како што е помошта во здравството за време на пандемијата.

Тој рече дека Владата, како и владите на државите во Европа и во светот, е посветена на справувањето со последиците од војната во Украина, при што Северна Македонија се постави стопроцентно на линија на надворешната политика на ЕУ. Исто така, државата ги развива добрососедските односи и институциите се определени на ефикасна динамика во реализацијата на скрининг процесот, што е план и за преговарачкиот процес, а со што е реална и остварлива целта за членството во Европската Унија до 2030 година.

Во разговорот беше нагласена важноста од фокус на сите политички субјекти кон државните интереси.

Премиерот Ковачевски и вицепремиерот Груби ја истакнаа и важноста на поддршката од Вишеградската група и споделените искуства во процесот на интегрирањето на Северна Македонија во НАТО, којашто е оценета како значајна и во процесот за ЕУ.

На средбата е изразена заедничка подготвеност земјите да ги унапредат билатералните односи во областа на економијата и како партнери во НАТО, во справувањето со сите актуелни предизвици.