Во Скопје денеска е уапсен осомничен за убиство извршено во Атина. Тоа, меѓу другото, е резултат од продлабочената соработка на безбедносните институции на двете земји по средбата на Директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, со грчкиот колега. Дали ова значи дека и на бегалците Грујевски и Бошковски од злогласното УБК им се бројат деновите на засолниште во Грција?
Осомничен 21-годишен маж се очекува денеска да се појави пред обвинител во врска со убиството на 17-годишната девојка во понеделникот во западното атинско предградие Перистери. Лицето беше уапсено во петокот во близина на Скопје, Северна Македонија, и беше екстрадирано во Грција, објави денеска грчки Екатимерини.
Македонската полиција започна потера по барање на полицијата во Атина, која верува дека осомничениот за убиството се обидел да побегне во некоја од земјите на северна Европа.
Полицијата успеала да му влезе во трага на мажот користејќи ги сигналите од неговиот мобилен телефон, како и оние од телефонот на убиената девојка, кој осомничениот го одзел.
Осомничениот, кој е со пакистанско потекло, бил дел од група илегални мигранти запрени од македонската полиција. Се очекува одлука за негова екстрадиција во Грција.
Жртвата, Николета, била пронајдена мртва од нејзината мајка и сестра кога се вратиле во семејниот дом нешто по 23 часот во понеделникот навечер, на 1 август. Таа беше задавена.
Оваа акција е дел од соработката меѓу македонската и грчката полиција која е продлабочена по посетата на делегацијата од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) предводена од директорот м-р Сашо Тасевски кој на 28 јули се сретна со неговиот колега, полицискиот генерал-полковник Константинос Скумас.
Во таа прилика, двете страни оваа средба ја оценија како значен момент по кој се очекува интензивирање на соработката помеѓу полициите, што ќе придонесе за зајакнување на безбедноста како на двете соседни земји, така и на регионот.
Може да се очекува дека продлабочувањето на оваа соработка меѓу македонските и грчките институции може да води и кон решавање и на други значајни случаи. Дали ова значи дека и на бегалците Грујевски и Бошковски од злогласното УБК им се бројат деновите на засолниште во Грција? Можеби е сè уште рано да се предвидува, но можеби не е далеку денот кога грчките власти ќе решат да ги екстрадираат двајцата бегалци од македонската правда, јавува Фронтлајн.мк.