23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски на Преспа форум: Имаме многу одрекувања, сме донеле тешки одлуки за зачленување во ЕУ и НАТО

Премиерот Димитар Ковачевски со воведно обраќање ја отвори сесијата на тема „65 години по Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“ во рамки на Преспа fорумот за дијалог.

Во фокусот на обраќањето на премиерот Ковачевски беа три клучни аспекти поврзани со темата и тоа усогласувањето на националното законодавство со законодавството на Унијата, Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ и економскиот бенефит како и Интеграција на регионот во ЕУ и Единствениот пазар на Унијата.

„Темата со која го започнуваме денешниот ден на Преспа fорум за дијалог: „65 години по Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана“ е од голема важност, особено во денешни услови на светски превирања, што уште повеќе ја нагласува потребата од интеграцијата на земјите од Западен Балкан кои природно припаѓаат во Европа. Ќе зборувам за сегашноста и за плановите за иднината за сé она што ние како земја, во соработка со земјите од регионот и нашите стратешки партнери го реализираме со една единствена цел, економски развој и подобар стандард за граѓаните. Ќе ставам фокус на три главни аспекти поврзани со темата: Усогласување на националното законодавство со законодавството на Унијата, имплементација на стандарди и на структурните реформи; Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ и нејзините бенефити; Интеграција на регионот во ЕУ и Единствениот пазар на Унијата“, порача премиерот Ковачевски.

Тој напомена дека „Воспоставивме формална рамка за политички дијалог, на билатерално и регионално ниво, слободна трговска зона со ЕУ, а воедно се обезбеди економска, социјална, образовна, научна, технолошка, енергетска и културна соработка како и соработка во областа на животната средина. Спогодбата за стабилизација и асоцијација, останува на сила сè додека Република Северна Македонија не пристапи во Унијата“.

Ковачевски рече дека „Преговори сè уште не сме почнале, и тоа секако се должи на предизвиците кои го попречија нашиот европски и интегративен пат. Но, еве нè денес, сè уште на истиот тој пат, бидејќи членството во ЕУ, за нас, нема алтернатива. За нас, ЕУ-интеграцијата е прашање на прифатени највисоки западно-демократски вредности и посветеност за исполнување европски стандарди на работење во сите сфери на општеството и во сите институции“.

„Имаме направено многу одрекувања, сме донеле тешки одлуки за зачленување во ЕУ и НАТО, за подобра иднина на граѓаните. Членството во НАТО е постигнато. Поради една блокада, Европската Унија не ги исполнува ветувањата, иако има широка поддршка од земјите членки, за што сум навистина благодарен јас и граѓаните на државата. Продолжуваме да работиме на европеизација на севкупниот систем во државата, европските демократски и општествени вредности ги имплементираме дома. Ние сме дел од Европското семејство и ги делиме истите вредности“, рече Ковачевски во Охрид.

За „Отворен Балкан“ напомена дека „значи подобрување на конкурентноста, нови инвестиции, инфраструктурно поврзување, поголем пазар, мобилност и развој на бизнисите во регионот. Тоа значи и подобар стандард и квалитет на живот на сите наши граѓани од целиот Балкан“.