Граѓанскиот суд по третпат ќе се обиде да ги најде сведоците со кои бизнисменот Орце Камчев ќе се обиде да докаже дека дал 1,5 милиони евра на тужените Бојан Јовановски – Боки13 и Катица Јанева. Сметководителката во фирмите на Камчеви, Мирјана Бошковска, сопругата на бизнисменот, Ана Камчева, мајката Ратка Куновска-Камчева и сестрата Кристина Камчева-Стојческа ниту на денешното рочиште не дојдоа.
Сега, обврска да ги извести за терминот на следното рочиште зеде адвокатот Кристина Стојменова. Одлагање на рочиштето не им се допадна на адвокатите кои ги застапуваат Јовановски и Јанева. Судијата Андреј Димовски, сепак, остави уште една шанса за Камчеви и сметководителката да дојдат на судење.
„ Се закажува рочиште за 6.6.2022 година, кога доказната постапка ќе продолжи со сослушување на сведоците“, кажа судијата Димовски.
Катерина Петкова, адвокат на Боки 13, сметаше дека повеќе судот не треба да ги чека сведоците. Според неа, тие не го оправдале нивното отсуство, за да им се даде нов термин да сведочат.
„Тужителот имал можност да ги извести за закажаните судења и да го обезбеди нивното присуство“, кажа Петкова.
Бојан Јовановски – Боки 13 пак, бурно реагираше. Според него, одложувањата на рочиштата е со цел да се прибави предметот од Врховен суд, а сведоците да се потсетат што кажале кога се судел предметот „Рекет“, за истото да го повторат.
„Очигледна е потребата за потсетување на сведоците на она што го кажале во кривичниот суд, бидејќи тој што не ја говори вистината брзо заборава што кажал“, кажа Боки 13.
Реакција против одлагањето на рочиштето имаше и од државниот правобранител Фитим Касапи.
Новото рочиште е закажано за една недела.