26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Пад на „Волстрит“ седма недела по ред, инвеститорите стравуваат од рецесија

По големите осцилации на „Волстрит“, цените на акциите паднаа минатата недела, седми пат по ред, бидејќи инвеститорите стравуваат дека поради високата инфлација, американската ФЕД агресивно ќе ги зголеми каматните стапки, што може да предизвика рецесија, објавија американските медиуми.

Пазарот е на игли бидејќи се очекуваат натамошни агресивни зголемувања на каматните стапки на Федералните резерви на САД, што би можело да ја втурне економијата во рецесија, стои во анализите.

Бидејќи инфлацијата во САД е на највисоко ниво во последните 40 години, над 8 отсто, ФЕД ги зголеми каматните стапки за 0,75 процентни поени од март и се очекува дополнително да ги зголеми за 0,50 процентни поени барем во следните две сесии, анализираат упатените.

Инвеститорите стравуваат дека поради тоа, но и поради војната во Украина и прекините во синџирите на снабдување, економијата би можела да западне во рецесија.

Аналитичарите на „Голдман Сакс“ според медиумите изјавиле дека има 35 отсто шанси за рецесија во следните две години, додека од инвестицискиот институт „Велс Фарго“ изјавиле дека очекуваат блага рецесија во американската економија кон крајот на оваа година и почетокот на следната година, според тамошните медиуми.

„Реалноста е дека инфлацијата е висока, а каматните стапки растат. Се додека стапката на инфлација не почне да се забавува, пазарот ќе биде многу нестабилен, што мислиме дека ќе се прошири во поголемиот дел од летните месеци“, изјавил Тери Сандвен, американски стратег.

И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела, но според анализите на медиумите тој пад беше многу поблаг отколку на „Волстрит“.