23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бочварски во Приштина – Разговарано за проширување на постојната европска мрежа на коридори

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, присуствуваше на Министерскиот совет во рамки на Секретаријатот на Транспортната заедница што се одржа во Приштина, Република Косово.

На Советот, покрај Бочварски, присуствуваа и министрите за транспорт од Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а на кој се разговараше за проширување на постојната ТЕН-Т мрежа (европска мрежа на коридори).

Бочварски во своето излагање ги презентираше трите предлози на Министерството за транспорт и врски за проширување на ТЕН-Т мрежата која поминува низ територијата на Република Северна Македонија.

„Средбите од овој тип се од особено значење, особено кога на дневен ред имаме теми од исклучителна важност, како на пример претстојната ревизија на ТЕН-Т мрежите. Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија активно учествува во овој процес. Нашите три предлози се: Источниот дел од железничкиот Коридор 8 од Сеопфатна да премине во Главната мрежа на Коридори, понатаму железничкиот дел од Кракот 10-Д од Битола до Кременица и патот дел од Велес до Меџитлија да премине во главната мрежа на коридори. И третиот предлог е почнувајќи од крстопатот на Коридорите 8 и 10 крај Скопје, па сè до границата со Бугарија кај Ново село и поврзувајќи се со Коридорот 4, да влезе во Cеопфатната ТЕН-Т мрежа”, истакна Бочварски на Министерскиот совет во Приштина.

Потенцираше дека Министерството за транспорт и врски продолжува да работи на изградба и модернизација на патната и железничката инфраструктура на Коридорите 8, 10 и кракот 10-Д, со што ќе се овозможи поефикасно регионално поврзување и развој на економијата.

На Советот тој ги презентираше капиталните инвестиции во изградба на пругата кон Бугарија, како и инвестициите во изградба и модернизација на патниот Коридор 8 и 10-Д.

Во рамки на Советот министерот Бочварски оствари и билатерална средба со министерот за транспорт и инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу, на која разговараа за регионалното поврзување, заедничките проекти и економската соработка