23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Грковска: Зголемената транспарентност на институциите е важен фактор за добро владеење

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска се сретна со претставници на Агенцијата за заштита на правото на пристап на информации од јавен карактер, директорката Пламенка Бојчева и генералниот секретар Тања Ковачев.

На средбата вицепремиерката Грковска ја истакна улогата на Агенцијата како кредибилна институција, оценувајќи дека спроведувањето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е исклучително важна превенција од корупција и дека зголемената транспарентност придонесува за поголемо учество на граѓаните и деловната заедница во креирањето на политики за добро владеење.

Таа подвлече дека Владата континуирано работи на одржување и подигнување на нивото на транспарентност и отчетност, за објавување на сите податоци на веб страниците во сите министерства и органи, опфаќајќи ја и локалната власт, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Посебно беше изразено задоволство што според резултатите од мониторингот спроведен во декември 2021 година од Агенцијата за заштита на правото на пристап на информации од јавен карактер, за проактивно објавување на информациите од јавен карактер, од 144 државни институции, една од најтранспарентните е Владата на Република Северна Македонија – Генералниот секретаријат.

Претставниците на Агенцијата ја истакнаа добрата соработка и партнерскиот однос со Генералниот секретаријат на Владата, за унапредување на правото на пристап на информации од јавен карактер, што произлегува од потпишаниот Меморандум за соработка меѓу овие две институции.

На средбата беше договорено да продолжи соработката во насока на усвоените пракси и политики за проактивно објавување на сите важни документи, кои се од интерес на секој граѓанин, како и динамизирање на дигитализацијата и современите алатки за олеснување на транспарентноста на институциите.