Цената на гасот во Европа падна денеска на отворањето на тргувањето под 1.250 долари за 1.000 кубни метри, беше објавено на лондонската берза ICE.
На берзата ТТФ во Холандија, априлските испораки на гас беа договорени по цена од 1.245 долари за илјада кубни метри, или 110,25 евра за мегават час по актуелниот курс на еврото во однос на доларот, пренесува Тас с.
Цената на гасот падна за повеќе од 15,5 отсто во однос на затворањето на берзата во петокот.
Во Европа, ова гориво забележа рекордна цена на 7 март, кога скокна за 79 отсто на речиси 3.900 долари.
„Газпром“ денеска соопшти дека ќе продолжат со испораките на руски гас за Европа преку украинската територија во вообичаениот режим.
– Транзитните испораки на руски гас на Гаспром преку украинска територија се одвиваат нормално, во согласност со барањата на европските потрошувачи, 109,5 милиони кубни метри на 14 март – изјави за новинарите портпаролот на рускиот гасен холдинг Сергеј Купријанов.
Тој износ е еднаков на испораките на долгорочните резерви за транзит на гас преку Украина (околу 109,5 милиони кубни метри дневно), според Тас с, наведувајќи дека во неделата биле побарани 109,6 милиони кубни метри.