23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Експертите се децидни: За квалитетни тероар вина неопходни се современи практики во лозјата и создавање уникатна винска приказна

Македонија располага со голем потенцијал за производство на квалитетни вина со висока додадена вредност, но за тој да се искористи неопходно е да се воведат современи практики во производството на грозје, кои се темелат на научни истражувања и мерења, и да се креира автентична винска приказна за уникатниот тероар на македонските вина.

Ова беше клучна порака на експертите кои зедоа учество на симпозиумот на кој беа претставени најдобрите светски практики во лозарството и спецификите на македонскиот тероар, што беше организиран од Винарската визба „Тиквеш“ во рамки на тригодишниот транснационален проект „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“.

„За да го оправдаме статусот винска земја и да добиеме вистинска препознатливост на македонските вина во светски рамки, неопходно е да прифатиме дека мора да направиме промени и да почнеме да ги применуваме светските стандарди и практики во производството на грозје и вино кои се научно докажани и да го надминеме антагонизмот што постои помеѓу производителите на грозје и винарниците“, истакна меѓу останатото претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, во своето воведно обраќање пред учесниците на симпозиумот.

За д-р Гиом Анталик, познат светски експерт и истражувач од винскиот научен центар од Универзитетот Нова Горица од Словенија, „во Македонија можат да се произведат навистина квалитетни вина, за што постојат добри климатски и почвени услови, но она што дефинитивно недостасува е примената на современи практики во лозјата, со кои ќе се произведе грозје и вино со уникатни карактеристики и тероар кој не може да се копира никаде на друго место во светот и ја дава високата вредност на виното“.

Зборувајќи за факторите кои имаат влијание врз квалитетот на вината, проф. Алан Делоар од Институтот „Агро“ од Монпеље, Франција, кој повеќе од една деценија бил одговорен за лозовите насади на познатиот производител на шампањ – Moët & Chandon, потенцираше дека производството на квалитетни вина зависи од многу фактори, како што се: климата, поднебјето и составот на почвата, но според него најголемо значење имаат практиките и начините на обработка на лозјата. „За да се произведат квалитетни вина со уникатен карактер и висока вредност, неопходно е да се применуваат научни методи во одгледување на грозјето и да се врши строга контрола преку постојани мерења на параметрите кои влијаат на квалитетот, како што се: климатските фактори, количината на вода во почвата, зрелоста на грозјето и други и врз основа на тие податоци да се донесуваат вистинските одлуки во сите фази од производството на грозје и вино“, дециден е професорот Делоар, кој има над 30 годишно искуство во областа на лозарството.

Во рамки на настанот беа презентирани активностите и научниот пристап на „Тиквеш“ во производството на високооквалитетно грозје и тероар вина добиени од сопствените поседи на уникатните микролокации Лепово, Барово и Бела Вода. Дополнително, беа претставени и дел од активностите и вложувањата на „Тиквеш“ кои се реализирани во рамки на споменатиот Проект, во делот на дигитализацијата која се спроведува преку автоматски мониторинг на агрометеоролошките параметри кои имаат влијание врз квалитетот на грозјето на лозовите насади, за што е набавена најсовремена опрема за мерење и анализа на податоците, а креирана е и специјална онлајн платформа која овозможува следење и анализа на параметрите во реално време.