Денеска заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска и претседателот на владината Комисија за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди, Гоце Георгиевски во Битола одржаа координативен состанок со градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски во врска со состојбата од настанатите штети од земјотресот во Битола.
Вицепремиерот Николовски изјави дека Владата на вчерашната седница донесе повеќе заклучоци за заеднички да им се помогне на граѓаните кои претрпеа штети од земјотресот во Битола.
„Институциите мора да работат во служба на граѓаните, затоа сите правни, легислативни инструменти и механизми коишто законите ги даваат низ постапките и процедурите треба да ги спроведеме час поскоро се со цел да бидат работите вратени во нормала. Владата изрази целосна подготвеност да што побрзо бидат санирани сите штети, особено во јавните институции кои се важни за сите граѓани, за да може клиничката болница, останатите здравствени установи, образовните институции и градинките да функционираат. Во оваа прилика ја изразуваме целокупната поддршка да овој процес и низ овие маки и проблеми коишто ги осетија битолчани да знаат дека институциите, општината, Владата сите заедно стојат на иста страна со граѓаните и дека сето ова ќе биде надоместено од страна на општината и Владата“, изјави заменик-претседателот на Владата Николовски.
Формирана е Комисија за проценка на штетите согласно Законот за заштита и спасување. Министерот за локална самоуправа Милевски изјави дека планирано е да се подели целиот процес за начинот на помош на два дела.
„Едниот дел е брза санација на јавните институции, бидејќи неопходно е болницата веднаш да се стави во функција, и независно што градинките и училиштата се под локално ниво сметаме дека ние треба целосно да го финансираме тоа реновирање и битно е Комисијата и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија да дадат што е можно побрзо проценка за да може брзо да се интервенира со финансиски средства од страна на ресорните министерства“, изјави министерот Милевски.
Рокот за пријавување на штетите од страна на граѓаните е до 26-ти јануари.
Градоначалникот Коњановски го поздрави присуството на владината делегација и стручниот тим од Владата и порача дека „Се информиравме меѓусебно за активностите кои ги презеде општината и формирањето на Комисијата за проценка на штетите од земјотресот и Кризниот штаб кој заседаваше. Од страна на министрите, зедоа обврска дека ќе помогнат, се согласивме дека заеднички треба да се делува и дека ќе помогнат во делот на нивните ингеренции“.
Во рамки на посетата на Битола, владиниот тим ги посети и дел од локациите кадешто се предизвикани штети од земјотресот.