28.8 C
Скопје
23. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МЗ: 67% од новите случаи со Ковид-19 се невакцинирани

Министерството за здравство ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид-19, во период од 6 август заклучно со 30 декември. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

„ Во период од 06.08 до 30.12.2021 на територија на државата 69.242 граѓанин, се позитивни од тестирани на Ковид-19, од нив 33% биле целосно вакцинирани, односно 22.996 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според статистика за изминативе недели, 46.246 граѓани, односно 67% од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.

Во период од 6.08 до 30.12.2021 на територија на државата починале 2447 лица со Ковид-19, 1913 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 22% примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон““ се наведува во извештајот.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, нагласувајќи дека секоја вакцина која ја имаат на располагање е безбедна. Оттаму апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што додаваат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на СарсКов2.