22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Уапсени лица кои на автопатот Скопје – Велес носеле 150 кила дрога

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка со која се опфатени две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик. Еден од осомничените се гони и за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.

Двајцата осомничени скопјани, на возраст од 30 и 51 година, во две патнички возила на автопатот „Пријателство“, во правец од Скопје кон Велес, пренесувале наркотична дрога марихуана, која била пронајдена и одземена при извршена полициска контрола. Во првиот автомобил „Фолксваген туран“ била пронајдена јутена вреќа со 92.447,7 грама марихуана, додека во вториот автомобил „Опел зафира“ биле откриени 60.540 грама марихуана спакувани во патна торба.

Со наредба издадена од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домовите на двајцата осомничени, при што во домот на 30-годишниот осомничен во Визбегово биле пронајдени уште 16.213 грама марихуана, но и 11 куршуми со калибар 7,62Х39 мм кои неовластено ги држел.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, ценејќи дека постои опасност од бегство можност да влијаат врз сведоците и особени околности кои упатуваат дека би можеле да го повторат кривичното дело.​​