Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика, во координација со Министерството за економија да подготват мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија.
„Владата на денешната 118. редовна седница донесе одлука за утврдување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, поради недостиг на електрична енергија на домашниот пазар предизвикана со повремени испади на поголеми производствени капацитети и недостиг на енергенси за производство на електрична енергија и неможност испадот да се покрие со расположливата резерва во производство на електрична енергија, кои можат да доведат до недостаток на електрична енергија или нарушување на стабилноста на електроенергетскиот систем во земјата.
Со оваа одлука се овозможува да се преземат мерки и активности, вклучувајќи и финансиска интервенција за да се обезбедат дополнителни количини на електрична енергија и се утврдуваат правата и обврските на државните акционерски друштва Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и МЕПСО, како и на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности.
Постоењето на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија утврдена во оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука и со неа не се предвидени рестриктивни мерки.
Дополнително, со заклучоци на денешната седница на Владата АД ЕСМ е задолжено, во рок од 15 дена да достави пакет-мерки за нивните активности за справување со енергетската криза, а Министерството за труд и социјална политика, во координација со Министерството за економија да подготват мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија.
Владата го задолжи Министерството за економија, во соработка со Бирото за јавни набавки да понудат предлог-решение согласно кое ќе им се овозможи на државните институции набавка на електрична енергија од ЕСМ продажба по поевтини цени од оние на отворениот пазар“, соопшти Владата по седницата.